Нов скандал: Германските производители ќе повлечат 630.000 автомобили во Европа

Оваа одлука доаѓа како резултат на истрагата со аферата на Volkswagen

 |  инфодеск  | 

630.000 автомобили на Audi, Porsche, Opel, Mercedes и Volkswagen ќе мора да се повлечат во Европа поради неправилност во нивото на испуштање штетни гасови, рекол за AFP извор во германската влада.

Оваа одлука е резултат на истрагата на германските власти поради аферата на Volkswagen која изби во септември минатата година. Последните месеци се спроведувало испитување на штетни гасови на сите дизел модели во Германија и министерството за сообраќај резултатите јавно ќе ги објави.

На спорните автомобили системот за прочистување на штетните гасови се деактивирал кога надворешната температура паѓала под одредено ниво. По важечките европски норми таков механизам е дозволен само ако овозможува да се спречи несреќа или оштетување на моторот. Затоа германската влада бара од производителите да го изменат тој механизам и поради тоа возилата мора да бидат повлечени, рекол изворот на AFP.

Групацијата Volkswagen засега не била достапна за коментар. Одговарајќи на прашањето на AFP, портпаролот на Daimler, производителот на Mercedes-Benz, не сакал да ги коментира “шпекулациите”.

Ова е втор проблем по измамата која беше откриена во септември минатата година во САД кога Volkswagen призна дека некои модели на дизел мотори ги опремил со софтвер кој прикажува помало ниво на испуштање на штетни гасови од вистинското.

Американскиот сојузен судија Charles Breyer објави во четвртокот дека Volswagen постигнал начелен договор и компанијата на 480.000 сопственици на дволитарски автомобили ќе им овозможи да изберат помеѓу откуп, измена на моторот и поништување на кредитот ако го имаат. Автомобилската компанија се согласи да основа и фонд за финансирање на заштита на околината, додал Breyer.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top