Започнува Европското Првенство

Вечерва во Рим со мечот меѓу Турција и Италија започнува Европското фудбалско првенство на кое во недела ќе дебитира Македонија. 

 |   | 
Во 21 часот на стадионот Олимпико во Рим, судијата Дани Макели ќе го означи стартот на мечот меѓу Турција и Италија, топката ќе почне да се тркала на 16. Европско фудбалско првенство.
 
Континенталниот собир започнува со една година задоцнување поради пандемијата на ковид-19, ова ЕП е поразлично од претходните поради повеќе работи, а за нас е посебно важно бидејќи Македонија дебитира на него.
 
Македонската фудбалска репрезентација првиот натпревар го игра во недела од 18 часот во Букурешт против селекцијата на Австрија. Без разлика на резултатот тој меч ќе биде запишан во македонската историја како прв на Македонија на големите фудбалски турнири. За разлика од претходните првенства овој шампионат е распостелен низ цела Европа, домаќини ќе бидат 11 градови, честа ја имаат Амстердам, Баку, Будимпешта, Букурешт, Глазгов, Копенхаген, Лондон, Минхен, Рим, Севиља и Санкт Петербург.
 
Ова првенство нема во целост да ја има магијата која ја создаваат фановите, стадионите ќе бидат исполнети во ограничен број, а навивачите низ улиците нема да можат да ги полнат баровите како што тоа го правеа на претходните натпреварувања. Во зависносот од земјата во која се игра мечот, ќе зависат и рестрикциите кои се активни поради пандемијата на ковид-19. На ова Европско првенство за првпат ќе се користи ВАР, судиите ќе имаат сојузник во технологијата која станува составен дел од сите големи натпреварувања.
На секој селектор му беше овозможено да повика 26 фудбалери од кои тројца ќе бидат резерви и нема да бидат на клупата на самиот меч. Наместо три, секоја репрезентација ќе може да изврши по пет замени во текот на натпреварот.
 
На првенството учествуваат 24 репрезентации поделени во шест групи, првите две од секоја група и најдобрите четири третполасирани продолжуваат во осминафиналето. Завесата ќе се спушти на 11 јули на Вембли кога по финалниот натпревар ќе го дознаеме новиот Европски шампион.
 
Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top