Можна е трета титула за Франција повторно преку Португалија

Интересно е тоа дека Франција двете титули ги освои победувајќи ја  Португалија два пати во полуфинале

 |  инфодеск  | 

Французите досега имаат 100% учинок – две финалиња, две титули, додека Португалците во своето единствено финале доживеаа пораз.

Интересно е тоа што Франција двете титули Европски првак ги освојуваше кога во полуфинале ја победуваше Португалија. Сега можат и до трета титула и повторно преку Португалија, но овој пат во финале.

Триколорите својата прва европска круна ја освоија во 1980 година на првенството кое се одржа во нивната земја. Французите до насловот стигнаа на импресивен начин. Во пет средби запишаа пет победи со гол разлика 14-4. На патот до првото место ја победија Данска 1-0, Белгија 5-0 и Југославија 3-2 во групи, потоа Португалија 3-2 и Шпанија 2-0. Најмногу проблеми имаа токму против Португалија во полуфиналето победувајќи со 3-2 во продолжение со голот на Платини во 119 минута. Јунак на тоа првенство беше Мишел Платини со постигнати 9 голови.

Вториот наслов Европски првак Франција го освои во 2000 година во Белгија и Холандија. Екипата ја предводеше Зинедин Зидан. Во групата заврши на второто место зад Холандија. Франција ги победи Данска 3-0 и Чешка 2-1, а загубија од Холандија 3-2. Во четвртфиналето ја победија Шпанија 2-1, а во полуфиналето Португалија 2-1 по продолженија. Во финалето Франција ја победи Италија 2-1 и повторно во продолженија со “златниот гол” на Трезеге во 103 минута.

Португалија дури пет пати играше во полуфиналиња, а денешниот меч ќе им биде второ финале. Во првиот обид на првенството на кое беа домаќини сензационално славеше Грција со 1-0. Интересно е тоа што Грција ја победи Португалија и на отворањето на турнирот 2-1. По почетниот пораз Португалија ги доби преостанатите два натпревари во групата Русија 2-0 и Шпанија 1-0. Во четвртфиналето ја победија Англија по изведување на пенали 6-5, а во полуфиналето падна и Холандија 2-1, но во финалето Грците ја направија најголемата сензација во историјата на европските првенства.

Финалната средба на ова Европско првенство ќе ја суди Англичанецот Марк Клатенбург. Тоа е уште едно големо признание за Клатенбург кој во мај го судеше финалето на Лигата на шампиони и финалето на англискиот ФА куп. Клатенбург е меѓународен судија од 2007 година, а на Еуро 2016 досега судеше три натпревари.

Веројатни состави:

Португалија – Руи Патрисио, Соарес, Фонте, Алвес, Гуереро, Переира, Санчез, Силва, Марио, Нани и Роналдо.

Франција – Лорис, Сања, Кошчелни, Умтити, Евра, Погба, Матуиди, Сисоко, Гризман, Паје и Жиру.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top