• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Жителите од месноста Надвис во Велгошти кои два месеци беа оставени без вода за пиење бараат трајно решение на проблемот

Жителите од месноста Надвис во Велгошти кои два месеци беа оставени без вода за пиење бараат трајно решение на проблемот

Овој проблем се повторува со години наназад но, ова лето им било најтешко. Во време на пандемија биле принудени да штедат вода која ја собирале во доцните ноќни часови. Од ЈП Водовод информираат дека во моментов жителите имаат вода за пиење во посочениот дел. Бараат решение за санкционирање на постојаните злоупотреби од несовесните жители кои ги оставаат соседите без вода за пиење.

 |  Валентина Неловска  | 

Јулијана Милеска, Велика Ѓонеска и Нада Љаткоска од месноста Надвис, од Велгошти се соочувале со живот без вода од водоводната мрежа два месеци. Тие се дел од 60-тина семејства со околу 240 луѓе кои имаа секнати славини на чешмите за пиење вода. Од 10 август па се досега во време на пандемија биле принудени да штедат вода која ја собирале во доцните ноќни часови. Преку ден не можевме да се испереме, истушираме, се миевме капка по капка со вода, вели Милеска. Додава дека секое утро првиот шок им бил дали ќе имаат вода или не во водоводната мрежа. Навечер чекале да наполнат вода во 12, во 1 часот пополноќ. Луѓето кои се на прв спрат ќе добиеа мал притисок вода, а оние на втор спрат без притисок не можеа да вклучат машина за перење, не можеа да се истушираат, ништо не можевме без вода, напоменува Милеска.

Се намножија болвите , децата идаа искасани со пликови по нозете. Се чудевме од што е, после разбравме дека е од болвите, се се случува кога нема вода.“

Од јуни до 10 август имавме вода од 17 часот до 11 часот навечер па почнаа да ја кратат. Си велевме , добро, нема вода, но имавме барем малку во текот на денот, велат жените од населбата Надвис. Но, од 10 август немавме по цел ден вода и не можеме да издржиме повеќе без вода. Велика Ѓонеска, кажува дека со недостатокот од вода претрпеле и материјални штети.

„На снаа ми и изгоре машината заради тоа што немаше вода. Имаше помалку вода, па потоа секнала, а по некое време алиштата ги извади изгорени. На 3 спрат е, немаат воопшто вода, а се 5 члено семејство“.

Нада Љаткоска, вели дека велгоштани се соочуваат со прекини во водоснабдувањето со години, можеби и 30 години. Но, не како оваа година. Љаткоска и останатите жители бараат од ЈП Водовод да преземе мерки за трајно да го нормализира водоснабдувањето. Порачуваат да се преземат санкции против луѓето кои имаат диви приклучоци и им прават штета на останатите од селото.

„Ние не сме должни како селани до одиме по куќи да откриваме кај има диви приклучоци. Инкасаторите кои одат по куќите да ги читаат сатовите нека видат каде има диви приклучоци нека пуштат екипа“.

Од ЈП Водовод за ТВМ Телевизија, информираат дека во моментов жителите имаат вода за пиење. Посочуваат дека има големи злоупотреби со диви приклучоци во Велгошти кои ги оставаат мештаните без вода за пиење. Информираат дека решаваат еден проблем, а потоа веднаш им се јавува друг див приклучок на водоводната мрежа. Најавуваат дека ќе бараат решение во санкционирање на сите жители кои нелегално ќе се приклучат пред мерните сатови и ја злоупотребуваат водата од водоводната мрежа.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top