ЗАПОЧНА 60-ТОТО ЈУБИЛЕЈНО ИЗДАНИЕ НА БАЛКАНСКИОТ ФЕСТИВАЛ

Со настапот на Ансамблот “Македонија“ и Академското КУД “Бранко Крсмановиќ“ од Србија, синоќа започна 60-тото јубилејно издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри.

 |   | 

Шеесет годишната културна манифестација, препознаена и призната од УНЕСКО, на која продефилирале над 60 илјади уметници, во наредните четири фестивалски вечери, низ играта и песната ќе ги шири универзалните вредности на фолклорот и интеркултурното разбирање на различните балкански народи.

Од името на градот домаќин, пред присутните се обрати градоначалникот Константин Георгиески.

И после 60 години, од овде, од прекрасниот амбиент на  летната сцена „ Долни Сарај, учесниците на фестивалот ќе упатуваат универзални пораки за хуманизам, презентирање на сопствениот идентитет, јазикот, културното наследство и иднината. Пораките ќе бидат уште посилни, зошто се испраќаат од Охрид, светото место во кое со милениуми се напластувале цивилизациските и културни белези на човечките достигнувања. Балканскиот фестивал на народни песни и игри е нашиот вечен трезор во кого грижливо се чуваат богатствата на песнопојната и играорната традиција, не само на македонскиот, туку и на многу други народи. Тие, фолклорни реткости со генерации се пренесувале од колено на колено, се преплетувале и надополнувале и правеле вистински филиграни кои им одолевале и им  оддолеваат  на сите притисоци на современото живеење.

Убеден сум дека фолклорните ансамбли за гостите ќе приредат незаборавни моменти, а фолклорните уметници ќе понесат со себе, барем мал дел од магијата на вечниот Охрид. Почитувани, ви посакувам успешни фестивалски вечери и нескриено уживање во фолклорното богатство кое ќе ни го понуди фестивалот.-истакна во своето обраќање градоначалникот Георгиески.

Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на Собранието Талат Џафери.

Славењето на уметноста и артистичкото изразување, се најубавиот начин на дипломатија и промоција на секоја држава, на секоја нација, а несомнена вистина е дека секоја земја, секој народ, секој уметник – поединец има што да понуди, покаже и со тоа го привлече нашето внимание и заслужи нашата почит. Затоа, Собранието на Република Северна Македонија, како претставнички дом на сите граѓани на нашата преубава земја кои се од различно етничко потекло, има огромна почит кон оваа манифестација која овозможува афирмирање и промовирање на различните културни богатства на народите на Балканот и пошироко. Да се раскажува историјата и да се промовираат културните карактеристики преку музиката, песните и играта е голема умешност и за нас претставува голема чест што сме покровители на ваков традиционален културен настан. Ве охрабрувам и во иднина да продолжите со зачувување и промовирање на овој фестивал, а законодавниот дом ќе биде до вас за заедно да им ја всадиме љубовта кон народните песни и игри на младите генерации, за чувството на гордост и задоволство од посебноста за нашиот придонес во нивната толеранција и изразување на почит кон различното. Затоа, сакам да изразам почит и благодарност кон сите учесници на овој фестивал поради универзалната порака на прифаќање на различностите која ја пренесуваат преку песни и ора. Секако, им посакувам незаборавен престој во балканскиот бисер – преубавиот Охрид и со овие желби, драги уметници, почитувани гости, го прогласувам 60 – тиот Балкански фестивал на народни песни за отворен.

На годинешното јубилејно издание, ќе настапат културно уметнички друштва и ансамбли од Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top