Во срцето на Охрид отворен музеј во чест на Вангел Деребан

Во Охрид отворен Музеј на филигранот во чест на најпознатиот македонски кујунџија Вангел Деребан. Во музејот се изложени накит стар со векови и автентичниот алат, со кои макотрпно работеле старите кујунџии. Има и работилница каде заинтересираните ќе може да го учат занаетот.

 |   | 

Охрид доби Музеј на филигранот во чест на најпознатиот кујунџија Вангел Деребан. Стариот добар занает по кој надалеку бил познат овој крај, конечно се враќа во срцето на охридската чаршија. Приказната за прекрасниот накит од сребро денес ја раскажуваат млади луѓе и внуците на Деребан, кои со голема љубов ја продолжуваат традицијата.

Во музејот се изложени накит стар со векови и автентичниот алат, со кои макотрпно работеле старите кујунџии.

Во музејот има шест поставки од кои пет се женски накит и една машки накит. Пред повеќе од 200 години како се изработувал накитот значи парчиња зачувани до ден денеска со полудраги и драги камења, изработени во сребро и злато – вели Митко Укоески кујунџија.

Во Музејот има и работилница каде заинтересираните ќе може да учат филигранство. За внуците на Деребан возобновувањето на работилницата е исполнување на аманетот на дедото за да не се заборави занаетот.

Идејата ни беше да го возобновиме овој дом, да ја возобновиме работилницата каде дедо ми изработуваше накит. Во истовреме да направиме една поставка каде што ќе го покажеме онај накит кој мојата фамилија го има сочувано затоа што сакаме да го претставиме нашето културно македонско богатство – истакна Никола Деребан внук на Вангел Деребан.

Со охридски филигран се китат бројни светски личности, актери, пејачи меѓу нив е и поранешната прва дама на американската дипломатија Медлин Олбрајт. Денес на уникатните творби работени по теркот на традиционално изворно филигранство се воодушевуваат туристите.

Вангел Деребан, беше најпознатиот македонски кујунџија, го нарекуваа човекот со „златни раце“, тој почина во 2013 година. Тогаш замре овој занает, но овие млади вредни луѓе, надежни мајстори ја продолжуваат древната традиција.

 

Новинар Соња Рилковска

 

 

 

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top