Традиционални танци, носии и јадења на Денот на култури 2016

Камерун, Гана, САД, Македонија се само дел од она што можеше да се види на градскиот плоштад, а по повод Светскиот ден на културна разновидност.

 |  Мишел Наумоски  | 

Народни носии, претставување на националните кујни и колоритните национални песни и танци. Денес студентите на Универзитетот „Св.Апостол Павле“ ги славеа различностите преку веќе традиционалниот „Ден на култури“. Годинава истиот беше организиран на градскиот  плоштад како би можело што е можно поголем број на посетители да вкусат дел од традиционалните кујни на земјите од каде доаѓаат студентите, но и да се фотографираат со нив во нивните традиционални носии.

„Ќе танцуваме, ќе ја покажеме нашата традиционална храна, ќе покажеме и еден наш културен церемонијален танц исто така.“

„Многу сме блиски на универзитетот, и сакаме да ги промовираме нашите култури и диверзитетот. Оваа облека се прави од памук, најчесто се носи во северниот дел од Гана, неа ја носат поглаварите и таа ги симболизира нивната моќ.“-рекоа дел од студентите.

Големиот диверзитет на култури кои секојдневно комуницираат во рамките на Универзитетот „Св.Апостол Павле“ според Александар Петковски, овој универзитет го прави уникатна високообразовна институција.

„Ние го прославуваме заедно со нашите студенти 21ви мај, Денот на културните различности. Ректорот на универзитетот, проф.д-р Нинослав Марина и универзитетската управа по четврти пат срдечно ја поддржува оваа манифестација и денеска нашите студенти подготвија богата програма по овој повод.“-вели Петковски.

Од името на локалната и градоначалникот Бакрачески, денешниот интересен настан го поздрави заменик градоначалникот Ангел Јанев.

„Се она што не прави различни од една страна, но и се она што не прави блиски од друга страна. Денешниот ден и денешната манифестација претставува манифестација плус за градот Охрид прво како дестинација, второ, како културна манифестација која што ќе биде плус во она што градот Охрид го нуди во својата понуда.“-рече Јанев.

На денешниот „Ден на култури“ беа претставени културите со сите свои карактеристики на околу десетина земји од Азија, Африка и Европа меѓу кои Гана, Камерун, САД, Македонија. Годинешното издание на „Ден на култури“ во организација на Универзитетот „Св.Апостол Павле“ е четврти по ред.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top