Ренџерите будно ја следат состојбата низ шумите

Од установата напоменуваат дека се мобилизирани сите вработени во заштита на шумата во паркот и во спречување на пожари. Воспоставена е соработка со МВР и останатите служби како што се Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за спасување и заштита. 

 |  Валентина Неловска  | 

Внимателно се следи почитувањето на целосната забрана за движење низ шумите  во НУНП „Галичица“. Ренџерите се на терен со возила и прават се што е во нивна моќ за да се спречат евентуални шумски пожари во нивниот парк. Се трудиме да ја реализираме одлуката донесена од Управувачкиот Комитет за справување и координирање со кризи на ниво на земјава, која стапи на сила деновиве, за да се заштитат шумите, информира Наумче Новески раководител за заштита на шумите во НП Галичица. 

Имаме 24 часа луѓе горе, работат  во смени и го покриваат целиот реон. Исто така, апелираме на места каде што ни се за влез и наплата, посетителите само да транзитираат на регионалниот пат кон Отешево бидејќи не можеме да го затвориме. Имаме мобилни екипи со крос мотори кои се користат за контрола внатре во шумата доколку некој го напушти асфалтниот пат. Веднаш сме координирани со МВР – вели Новески.

Во рамките на паркот гравитираат 17 села, 14 од охридската страна и три од преспанскиот дел. За забраната се информирани сите вршители на угостителски дејности и туристички агенции од страна на секторот за туризам од паркот, а има објави и на веб и фејсбук страната на установата. Досега се затекнати многу мал број на странски и домашни посетители кои ја прекршиле одлуката и се правдале дека не биле запознаени со забраната.

Ги замолуваме сите строго да ја почитуваат оваа одлука која е на сила во цела држава. Рекреативците може слободно да го користат само асфалтниот пат, да нема влегување во шумските предели и задржување. Оваа одлука во работата на НУНП Галичица ќе донесе помали приходи, ние се самофинансираме од туристичка наплата од велосипедисти, возење четвороколки и џипови, но и прошетки со коњи, мора да се придржуваме на одлуката – додава Новески.

Досега ренџерите реагирале со опомени бидејќи станувало збор за помали прекршувања. Доколку се случат посериозни нарушувања ренџерите од НУ НП Галичица имаат координирана соработка не само со МВР туку и со останатите служби како што се Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за спасување и заштита. 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top