Реконструкцијата на болницата Св. Еразмо ќе заврши до 2022 год

До почетокот на 2022 година ќе заврши комплетната реконструкција на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Свети Еразмо Охрид. Во објектот ќе се всели и дел од Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања, а одделот за рехабилитација ќе остане во населбата Свети Стефан.

 |   | 

Со кредит од Светска банка ќе започне ентериерното уредување на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Свети Еразмо Охрид. По завршување на проектот во објектот ќе се пресели и Специјалната болница за кардиологија Свети Стефан.

И кардиолозите и ортопедите ќе работат заеднички во комплексот Свети Еразмо, а во кардиолошкиот завод ќе остане Центарот за рехабилитација. Според министерот Филипче има просторен капацитет за спојување на двете болници.

-Еден од последните наши разговори беше тој објект таму да остане како еден центар за рехабилитација со оглед на добрата локација и поставеност. Ние немаме друг таков капацитет во државата за рехабилитација на кардиолошки болни како што немаме друг центар за рехабилитација на ортопедски болни како овој во Еразмо. Понатаму да остане и еден ангиограф каде што ќе може да се прават итни интервенции, а тука да се третираат пациентите кои што ќе имаат потреба од покомплексен третман и интензивна нега.-вели минисетрот за здравство Венко Филипче.

Во моментот 80% од реконструкцијата на болницата е завршена. Рокот за завршување на објектот првично беше 2017 година, но сега останува ентериерното уредување и рокот е пролонгиран за почетокот на 2022 година.

-Имајки ја предвид динамиката на одвивање на работите во рамките на проектот на Светска банка мислам дека е реално да очекуваме тоа да се случи на почетокот на следната година. Во меѓувреме имаме уште некои технички работи кои што треба да се завршат колу лифтовите поврзувањето со струјата.-додаде Филипче.

Со реконструкцијата, ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“–Охрид ќе добие современ регионален центар од областа на ортопедија и трауматологија и ќе се отворат пет нови оперативни сали, со амбулантско-болнички и стационарен дел, по сите европски стандарди, со овозможување поквалитетни здравствени услуги на пациентите, здравствените работници и воведување нови методи во лекувањето на пациентите од областа на ортопедија и трауматологија. Исто така, се очекува драстично намалување на постојните листи на чекање, современ и брз третман на итните ортопедско-трауматолошки и неврохируршки случаи.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top