• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Поправката на трите делници во регионов ќе биде завршена пред главната туристичка сезона

Поправката на трите делници во регионов ќе биде завршена пред главната туристичка сезона

Работите ќе бидат завршени два месеци порано од планираниот рок во проектот. Директорот на ЈП Државни патишта задоволен од темпото и  сработеното на патната инфраструктура која е во тек во Охрид  и Струга. 

 |  Валентина Неловска  | 

Трите делници во охридско – струшкиот регион на кои се изведуваат поправки ќе бидат предвреме завршени, најави Зоран Китанов, директор на ЈП Државни патишта кој денес беше во обиколка на регионов. Работите ќе бидат завршени два месеци порано од планираниот рок во проектот пред почетокот на главната туристичка сезона, рече Китанов. За рехабилитација на овие делници ќе бидат потрошени над 180 милиони денари буџетски средства од ЈП Државни патишта. Во моментов се работи на сите три, а рехабилитацијата на Булевар Туристичка во должина од 5,6 км од двете страни на делницата се очекува наскоро да биде асфалтирана, посочи Китанов.

„Одстранети се сите оштетeни делови и најбрзо ќе се заврши. Се работи и на делницата Охрид- Подомоље во должина од 8,5 км и ширина од 7,5 метри, со буџет од 88 милиони денари, а во моментов се работи и на делницата од Евро Хотел до Радожда во должина од 4 км. Тие се посочени од нашите служби и од локалните институции како патишта од прв приоритет да бидат рехабилитиртани со цел охридско – струшкиот регион да има добри патишта, но не се заборавени ни остантите“, изјави Китанов.

Во моментов се работи и тендерска документација за проектирање на патниот правец Охрид- Св. Наум кој е најдолг, но и најчувствителен заради забелешките на Унеско. На него, покрај рехабилитација на оштетените делови се планира и реконструкција, вели Китанов. Очекуваме тој патен правец да биде целосно завршен до почетокот на идната туристичка сеозна, нагласува директорот на ЈП Државни патишта. Покрај тоа што се рехабилитираат поголемите делници во регионов, ќе се интервенира и на неколку локални патишта кои се во лоша состојба.

„Во моментов тече тендерска постапка за рехабилитација на 12 км патниот правец Лабуништа – Бороец – Јабланица, во висина од 65 милиони денари. Тендерската постапка е почната на 1 март, треба да заврши до 1 мај и да се почне со градба. Останатите делови ќе се рехабилитираат преку „Македонија пат“. Се што можеме оваа година да направиме пред почетокот на туристичката сезона ќе интервенираме во вредност од над 200 милиони денари само за рехабилитација на делниците во овој регион“, вели Китанов.

Зоран Китанов, директорот на ЈП Државни патишта напоменува дека само оваа година нивното претпријатие има отворено 94 проекти. До крајот на годината ќе бидат рехабилитирани и реконструирани над 600 км патишта низ целата земја.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top