Охриѓани и стружани со голем интерес за „Ти си твојот град“

Пријави проблем, пополни го прашалникот, вклучи се. Голем интерес од охриѓани и стружани за рубриката „Ти си твојот град“ на ТВМ Телевизија. Граѓаните со пополнување на прашалниците поставени на нашиот портал твм.мк пријавуваат најразлични проблеми со кои се соочуваат во секојдневното живеење, но најголем дел од поплаките кои пристигнаа во месец јули се од сообраќајната сфера.

 |   | 

34 граѓани во месец јули пријавија проблем на повикот на ТВМ во рамките на рубриката „Ти си твојот град“. 

29 пријави се однесуваат на градот Охрид, а 5 се од соседна Струга. Проблеми пријавуваат лица од 30 до 60 години. Еднаков интерес има и од  мажи и жени, а најзастапена е старосната група од 30 до 45 години. 

Најголемиот дел пријави се за проблеми од сообраќајната сфера дури 15, 11 се однесуваат на комунални проблеми, за инфраструктура и урбанизам имаше исто 11 пријави, а 10 пријави се за еколошки проблеми. Најмалку, односно по една пријава има од здравство и туризам.

Граѓаните најмногу се жалат на проблеми во сообраќајот во Охрид и Струга. Проблеми со паркинг, неизградените катни гаражи, пребрзо возење во локални улици, непрописно паркирање, потреба од дополнителна сообраќајна сигнализација на некои локации, узурпирани пешачки и велосипедски патеки, индиферентноста од страна на полицијата и надлежните институции се само дел од проблемите кои ни ги посочија нашите сограѓани. Пријавија и неасфалтирани патишта, канализациони проблеми, излевање на фекалии, нелегални градби во Струга кај трската кон Калишта, непристапни тротоари за инвалидизирани лица. Некои од нив се согласни да ги контактираме јавно да зборуваат за наведените проблеми, некои сакаат да останат анонимни.

Граѓаните предложија во информативните изданија на ТВМ телевизија да бидат позастапени теми од инфраструктура и урбанизам (23), потоа сообраќај (16), екологија (16), туризам (11),  здравство (9) и образование  (7) .

Од пристигнатите пријави во месец јули, информативната редакција на ТВМ изработи прилози кои се однесуваа на поплаките на граѓаните за хаосот пред маркетот Рамстор во центарот на Охрид, за неасфалтираниот пат од Касарната кон Лекскоец, за несоодветното паркирање и проблемите во сообраќајот. Целта е да ги повикаме надлежните да преземат мерки за решавање на проблемите на граѓаните.

Во следниот период посветено ќе се обидеме да ги опфатиме сите проблеми со кои се соочуваат граѓаните, бидејќи нам ни е важно вашето мислење. Ги повикуваме сите жители на општините Охрид, Струга, Вевчани и Дебарца да се охрабрат, да ги пополнат прашалниците на нашата веб страна www.tvm.mk и да пријават било каков проблем со кој се соочуваат. Нашиот тим ќе ги разгледа вашите пријави и заедно ќе се обидеме да најдеме решение.

 

Новинар Соња Рилковска

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top