• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Охриѓанецот Димче Коруноски е добитник на државната награда за уметничка фотографија „Благоја Дрнков“

Охриѓанецот Димче Коруноски е добитник на државната награда за уметничка фотографија „Благоја Дрнков“

Охриѓанецот Димче Коруноски е  добитник на државната награда за уметничка фотографија „Благоја Дрнков“. Плакетата ја доби во голема конкуренција на 55-та државна изложба на фотографии која се одржа во Битола.  

 |  Валентина Неловска  | 

Охриѓанецот Димче Коруноски ја доби државната плакета „ Благоја Дрнков“ на Деновите на македонската фотографија во Битола. Наградата посветена на доајенот на македонската уметничка фотографија е востановена во 2012 година по неговата смрт. Коруноски аплицирал на конкурсот за 55 -то јубилејно издание на државната изложба во две категории и тоа во колекција на фотографии и поединечна фотографија. Жирито во висока конкуренција на пристигнати уметнички фотографии ги избрало неговите фотографии од црквите Св.Јован Канео, Св. Богородица Перивлепта и Св. Климент и Пантелејмон на Плаошник во категоријата колекција на фотографии. Наградата беше посакувана и дојде по пет години, вели охридскиот фотограф-аматер Коруноски.

„Јас годинава учествував со 4 посебни, од кои една беше примена, и во колекцијата со фотографии. Наградата „Благоја Дрнков“ препознатлива е по пропозииците фотографиите да се тематски, блиски до тематиката на доајенот на македонската фотографија Дрнков. При нивната изработка да не се користат монтажа или фотошоп туку да се во стандардна обработка“, подвлекува Коруноски.

Трите фотографии се направени во 2015 година во еден зимски ден, појаснува Коруноски. Скромно открива што е важно да се создаде една добра уметничка фотографија покрај сензибилитетот на фотографот.

„ Пресудни се светлото и композицијата. Фотографот треба да го избере погодниот момент за да го реализира своето уметничко видување при настанување на фотографијата“, вели Коруноски.

Димче Коруноски е член на Фото клубот Охрид од 2008 година, а во Фото сојузот на Македонија од 2011 година. Добитник е на бројни плакети и признанија на меѓународни конкурси од областа на уметничката фотографија во земјава , но и во Србија, Црна Гора, Хрватска.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top