Охридско Езеро – извор на питка вода од кој може да зависиме во иднина

Охридскиот регион во блиска иднина нема да има проблем со обезбедувањето вода за пиење. Во туристичката сезона, кога потрошувачката на  вода се удвојува, во водоснабдителниот систем се внесува вода од Охридското Езеро. Пумпната станица кај Метропол засега  е единствен пример на експлоатација на извор во езерото за вода за пиење. Според експертите тоа е алтернатива, на која, во иднина треба да се смета, со оглед на колебањето во издашноста на постојните извори и долгите сушни периоди поради климатските промени.

 |   | 

До средината на овој век пристапот до вода за пиење ќе биде сериозен предизвик за голем дел од светската популација. Водата како ограничен ресурс ќе станува подрагоцена од нафтата. Неопходно е постојано истражување, следење и заштита на изворите на вода и нивна правилна експлоатација. За охридскиот регион, впечатокот кај граѓаните е дека лежи на вода и никогаш не може да се соочи со недостаток.  Како изворишта на вода се користат: Билјанини Извори, подземна вода од Беј Бунар, Летнички И звори од Рамне, извор Св.Илија од Велгошти, подземна вода во близина на Коселска Река кај Орман, извори кај Лескоец и вода од Охридско Езеро.  
Со капацитетот на тие изворишта се снабдуваат околу 55 000 жители чија потреба за вода во најголем дел од годината се движи околу 220 л/с. Проблемите настануваат во летните месеци кога максимална потрошувачка на вода во водоводната мрежа се доведува околу  450 л/с.

„ Водоснабдувањето надвор од летната сезона, во текот на годината е без проблеми. Но, во текот на летото и периодот на заливање на земјоделските површини се јавуваат проблеми со водоснабдувањето во с Лакочереј, Лескоец, Велгошти. Проблемот се јавува поради диви приклучоци и губитоците на вода од заливање земјоделски површини со вода за пиење што претставува главен проблем зошто населението во одредени делови нема вода. “ – вели Светозар Стефановиќ, директор на ЈП „Водовод“ од Охрид.

Во  приобалниот  рамнински  дел  на  Охридско Поле,  како  и  меѓу  Љубаништа  и  Св. Наум, се јавуваат високи подземни води. Во овој простор досега се регистрирани околу 20 извори од кои 5 се со издашност од 1-2 л/с, 2 со издашност под 1 л/с. Карстните врела кај Охрид, Св.Наум и Велгошти достигнуваат издашност и до 20 л/с. Но тие сé уште се недоволно испитани и утврдени. Како алтернатива, водоводното претптијатие и општината се свртеа на североисток, кон изворите на Плаќенска Планина.

„ ЈП „Водовод“ Охрид има изнајдено начин за покривање на поголем дел од приградските населби и селата како Косел, Опеница, Речица, Куратица, Завој, Плаќе и Свиништа со проектот ДУВЛО којшто ги опфаќа изворите во селото Свиништа. На тој начин ЈП „Водовод“ ќе добие со гравитација голем обем на вода со кој ќе покрие дел од градот а ќе биде стабилизирано снабдувањето со вода на приградските населби и некои од селата .“ – вели директорот на ЈП „Водовод“ – Охрид.

Со овој проект вреден  3,2 милиони евра 220 литри во секунда од Свинишки Извори, со цевковод во должина од 21 км., градот ќе се снабдува со 100 л/с, а останатите приградски населби и селата со 120 л/с. Водата до градот ќе стигнува со гравитација, што ќе значи заштеда на електрична енергија која сега финансиски го оптеретува јавното претпријатие поради обезбедување најголем обем вода со пумпање.

Во туристичката сезона, кога потрошувачката на  вода се удвојува, во водоснабдителниот систем се внесува вода од Охридското Езеро. 3 пумпи кај Метропол од 50 метри длабочина испумпуваат околу 100 л/с вода која понатаму  се пречистува со мрежести микро филтри, се хлорира, а потоа се дистрибуира до потрошувачите.

„ Во Метропол испумпуваме вода, ја третираме, филтрираме, хлорираме и ја пуштаме во системот.  Можноста за искористување на водата од езерото е реална, но е скапо, бидејќи сепак се работи за испумпување што би ја зголемило цената на водата. Трошоците за електрична енергија, која се троши за работа на пумпите, се огромни. Околу 2 милиони денари месечно е просечниот трошок за електрична енергија. Технички е возможно се`, само потребни се финансии. „ – вели Стефановиќ.

Во најголем дел водата во езерото е од висока прва и втора категорија, а пумпната станица кај Метропол е единствен пример на експлоатација на извор во езерото за вода за пиење. Според експертите тоа е алтернатива, на која, во иднина треба да се смета, со оглед на колебањето во издашноста на постојните извори и долгите сушни периоди поради климатските промени.
По примерот на Метропол и во соседниот крајезерски град Струга подолг период се прават анализи за поставување на пумпна станица кај селото Калишта, за што би биле потребни околу половина милион евра и би се решил проблемот со недостаток на вода за пиење во Струга.


„Има доволно научни истражувања околу овие подводни извори на брегот на Охридското езеро од кои може со потопни пумпи да се извлече вода за пиење за населението особено во летниот период. Охридско-струшкиот регион на кој припаѓа Охридското Езеро има доволно водни ресурси како извори за потребите на двата града. Постојните извори во регионот се користат максимално, но поради староста на системот на водоснабдување на двата града, посебно неговата лоша состојба на подрачјето на Струга се јавуваат недостатоци од вода за пиење во одредени периоди.Реално секогаш се размислува за резервен потенцијал, односно можност за користење на вода за пиење од езерото. “ – вели Ваит Ајро – екеперт за води.

Охридскиот регион во блиска иднина нема да има проблем со обезбедувањето вода, но мора  во континуитет да се води посветена борба за заштита на Охридското Езеро кое е најголем природен басен за питка вода во Европа и за кое експертите сметаат дека  во иднина може да биде снабдител со вода за Балканот.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top