Охрид нема ниту национална ниту градска галерија

Охрид нема ниту национална ниту градска галерија. Галеристите потенцираат дека потребата за тоа навистина е голема бидејќи нема каде да се излагаат делата на современата уметност. И туристите сакаат да видат кои сликари се најпознати во Македонија и Охрид.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Охридските галеристи бараат да се реализираат ветувањата за отварање галериски простор каде уметниците ќе можат да ги излагаат своите дела. Малубројните галерии во градов се претесни за во нив да можат да се претстават барем поголемиот дел од сликарите, било локални, било национални. Потребата од национална и градска галерија се наметнува од два аспекти. Едниот е потребата на уметниците за свој репрезентативен простор, а другата е потребата на туристите да посетат една галерија во која ќе можат да добијат впечаток за современата уметност со која располага нашиов град, но и државава.
Години наназад јас сум разговарал со високите функционери кои биле актуелни во градов, но и на државно ниво. Им предочив дека Охрид има потреба од национална галерија, бидејќи тоа го бараат и туристите. Во Завод и музеј имаме прекрасен фонд на дела од автори од минатиот век кои се со огромна вредност, а кои немаме каде да ги изложиме, вели галеристот Љупчо Жупан, сопственик на галеријата Букефал.
Покрај национална галерија во градов треба да има и една помала галерија во која ќе можат да излагаат авторите од поновата генерација, вели Жупан. Поради немањето простор каде да ги покажат своите дела тие се дестимулираат да творат, додава тој.
Градов има потреба да ја покаже и современата уметност. Не треба само да се обрнува внимание на културното наследство како што се црквите и спомениците, туку своето место треба да си го добијат и делата од современата уметност. Треба туристите да добијат впечаток дека во нашата држава има личности од светски калибар кои создаваат и творат и оставаат печат, вели Жупан.
Галеристите порачуваат, за луѓето да добијат нови визии и духовно да се возвишуваат од работата на сликарите потребна е поквалитетна културна понуда на изложби во текот на целата година, а за тоа што поскоро ни е потребна национална и градска галерија.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top