Охрид нема ликовна градска галерија

Дела од врвни ликовни уметници стојат во депоата во градов, далеку од очите на јавноста. Охрид нема простор во кој постојано би се поставиле овие дела. Уметниците сметаат дека со ликовна градска галерија би се зголемила ликовната култура, а во исто време би се привлекле и повеќе гости. Од локалната размислуваат кој е најдобриот простор за една ваква галерија.

 |  Јаковлева Лионела  | 

 

Охрид нема ликовна градска галерија. Пред дваесеттина години градов имал ваков простор во кој биле изложени дела на врвни македонски и светски уметници, а тоа била зградата каде сега се наоѓа ОМУ „Методиј Патчев“, но му бил одземен и даден на тогашниот шаховски клуб. Одтогаш па наваму се организираат само ликовни изложби од времен карактер и тоа најчесто во двете галерии на Центарот за култура „Григор Прличев“, во куќата на Уранија и на Робевци.

Ние имаме една извонредна збирка на уметнички дела кои стојат во депоата и кои за жал никој не ги видел. Една ваква галерија би била голем поен за Охрид како туристички центар бидејќи не само што нашите сограѓани ќе можат да ја посетуваат туку таа сигурен сум ќе биде интересна и за гостите кои доаѓаат во градов, вели академскиот сликар, Славко Упевче.

И од Локалната самоуправа се согласуваат дека на градов му недостасува еден ваков културен простор. Објаснуваат дека во повеќе наврати се барало решение каде би можела да се смести ваквата ликовна галерија, но без успех. Градската галерија треба да биде на некое репрезентативно место во кое ќе ги има сите услови бидејќи делата на врвните уметници треба да бидат заштитени од секакви внатрешни и надворешни влијанија.

Ние во овој момент како општина ја имаме само спомен куќата на Григор Прличев. Сите други институции од областа на културата се под Министерството за култура. Нашето размислување оди во тој правец дека со изградбата на градската куќа кај Долни сарај ќе се направи и еден простор за ваква постојана ликовна изложба. Но велам можеби бидејќи сето ова сеуште е во фаза на идеја, објаснува портпаролот на Локалната самоуправа, Томе Џамтоски.

Џамтоски кажува дека друга можност за отворање ваква градска галерија е во просторот на новиот Центар за култура кој треба да го гради Министерството за култура. Инаку министерката Елизабета Канческа Милевска во повеќе наврати при посета на Охрид најавуваше дека се работи на еден проект во кој ќе биде предвидена и градска галерија и каде ќе бидат изложени делата на Личеноски, Мартиноски и други звучни имиња од земјава и странство.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top