Од први јануари 2023 нема да има граници меѓу Македонија, Србија и Албанија

Движењето на граѓаните и превозниците ќе биде слободно, се договорија премиерите на Северна Македонија и Албанија Зоран Заев и Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ на економскиот форум во Скопје. Денеска, на затворањето на официјалниот дел од регионалниот економски форум во Скопје, беше претставено новото име и лого на Мини-Шенген. Оваа иницијатива од денеска се вика „Open Balkan“, или „Отворен Балкан“.

 |   | 

Балканската регионална иницијатива што досега беше позната како „Мини Шенген” од денеска стана „Отворен Балкан“. Од први јануари 2023 нема да има граници меѓу Македонија, Албанија и Србија и протокот на луѓе ќе биде слободен, договорија премиерите Зоран Заев и Еди Рама и претседателот Александар Вучиќ.

Вучиќ, Рама и Заев потпишаа три договори:

– Меморандум за разбирање за соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки на Западен Балкан
– Меморандум за разбирање за соработка за слободен пристап на пазарот на трудот на Западен Балкан
– Договор за соработка за заштита од катастрофи на Западен Балкан

Меморандумот за разбирање за соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во Западен Балкан има за цел да ја зголеми и зајакне економската соработка меѓу трите земји.

Една од најважните придобивки од овој меморандум е поедноставувањето на процедурите поврзани со увоз, извоз и транзит на стоки во најголема можна мера со размена на податоци меѓу царинските и другите надлежни органи.

Со Меморандумот за разбирање за соработка во врска со слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан се изразува волјата да се олесни движењето на луѓето за да се обезбеди полесен и послободен пристап до пазарот на трудот со отстранување на работни дозволи и поедноставување на постапките за дозволите за привремен престој.

Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан има за цел Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија со соодветни капацитети да си помагаат едни на други во случај на катастрофи.

Како дел од церемонијата на потпишување на договорот и меморандумите денеска беше објавено новото име на иницијативата – „Отворен Балкан“.

На регионалниот економски форум во скопје учествуваа претставници на преку 350 компании од Албанија, Србија и Северна Македонија и уште стотина претставници на стопанските комори и на деловните заедници од другите земји од Западен Балкан, како и од повеќе други земји пошироко од регионот.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top