НУК: Охрид не е скап, цените во главниот туристички центар треба да растат

Цените во главниот туристички центар треба да растат, смета Независната угостителска комора. Градот богат со уникатни природни и културни редности треба да се стреми кон елитен туризам. Државата и оппштината мора засилено да работат на подигнување на стандардите, почнувајки од инфраструктурата.

 |  Соња Рилковска  | 

Охрид како туристички центар воопшто не е скап. Наспроти тврдењата и поплаките на граѓаните по социјалните медиуми,  Независната угостителска комора, смета дека цените на хотелските и угостителските услуги на брегот на Охридското езеро  се на нивото на услугата. Градот поседува уникатни културни и природни вредности и не смее да се споредува со приморските туристички места кои имаат многу поголеми капацитети  и можност да нудат поевтини туристички аранжмани.

Според НУК цените во Охрид треба да растат.

„Сметам дека цените во Охрид би требало со тек на време да растат, меѓутоа паралелно со цените треба да растат и содржините и понудата која што охридските угостителски објекти ќе ја понудат не само на локалните туку и на странските гости. Се со цел да промениме во типот и на туристи кои се анимираат во Охрид. Охрид е посебен тој може да се споредува со местата од типот на Сен Тропе, или други места со висок калибар и како такво место заслужува епитет на Бисер на Македонија“, вели Здравко Јосифовски претседател на НУК.

Градот треба да се стреми кон елитен туризам и да се споредува со светските туристички места. Државата и општината треба засилено да работат на подигнување на стандардите во туристичките центри , првенствено  почнувајќи од инфраструктурата.

„Во однос на автопатот ако ме прашувате, жално е. Еве денес ние патувавме два и пол часа до Охрид. По стариот автопат можевме да стигнеме за 1 и 40 минути денес доаѓаме два и пол часа, мислам дека е тотаално фиаско на државата што во изминатве неколку години дозволи да не го доврши патот и да имаме делница по која што ќе може за краток период да го посетуваме нашето омилено место во Македонија“ , додава Јосифовски.

Според НУК државата мора да издвојува по неколку десетици односно  стотици милиони евра инвестиции за туризмот , пркеу поддршка и субвенции за развој на туристичкото стопанство, за туризмот во земјава да го добие заслуженото место.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top