На денешен ден во 916-та се упокоил Св. Климент Охридски

На денешен ден во 916 година, во Охрид се упокоил Свети Климент Охридски, средновековен писател и педагог, патрон на градот Охрид и на Македонската православна црква (МПЦ-ОА).

 |   | 

На денешен ден во 916 година, во Охрид се упокоил Свети Климент Охридски, средновековен писател и педагог, патрон на градот Охрид и на Македонската православна црква (МПЦ-ОА).

Тој бил средновековен писател и педагог, ученик на светите Кирил и Методиј, основоположник на Охридската книжевна школа, прв словенски епископ во Македонија и втемелувач на националната самобитност на македонскиот народ.

Голема етичка сила за нас во Македонија треба да имаат пораките на свети Климент Охридски. Етичките норми што тој ги искажа треба се база за нашата етика, тие не учат на најдоброто и бараат од нас умно да се однесуваме.

Двете основни етички поуки од свети Климент се однесуваат на избегнувањето на Злото и на правењето Добро. Тоа е смислата на етиката – да не се прави зло, а да се сака доброто и да се постапува добро.

Треба
– Тргај се од злото!
– Прави добро!
– Сакај ги луѓето и Природата!

Не смее!
– Да се сака злото!
– Да не се прави добро!
– Да се повредуваат луѓето и Природата!

Нашиот учител Свети Климент Охридски

Свети Климент Охридски (835-916) е нашиот најпознат учител. Бил најдобар ученик на големите философи и етичари светите Кирил и Методиј.

Овој најталентиран и најучен човек на Македонија го основал првиот словенски универзитет во Охрид, ја создал кириличната азбука, ги напишал биографиите и пофални текстови за своите двајца учители, бил прочуен проповедник, музичар, агроном, лекар. Тој е првиот Македонец епископ и голем писател. Свети Климент одлично проповедал и е нашиот најпознат етичар.

Зборовите и делата на свети Климент се насочени кон етичко облагородување на човечкото однесување. Тој барал „со смирение и нелицемерие, со вистинска љубов да се почитуваме еден со друг“. Тој ни поставил значајна задача да се „надминуваме еден со друг со добрина“ и „уште од денес да се помачиме за добри дела“.

Свети Климент Охридски е нашиот најдобар пријател, бидејќи ни посакува и ни предлага како да станеме подобри луѓе.

Тргај се од злото!

Злото секако треба да се избегнува, бидејќи е насочено кон повредување на луѓето. Тоа исто така и нанесува штета на самата личност што го сака злото. Зло си прави оној кој го прави злото. Злото е насочено кон уништување, навредување, создавање штета, вознемирување.

Оној кој го следи злото, има негативни цели. Тој е алчен, посакува повеќе отколку што му припаѓа на секој човек. Тој не го почитува правото на секого на живот и на среќа. Тој не мисли на ближните, нив не ги сака, кон нив не се однесува како луѓе. Следејќи го злото, тој постапува неправо, тој не ги контролира своите цели, туку се стреми кон извршување на своите лоши намери. Тој не ја почитува етиката, тој не сака никого и не внимава што прави. Тој не става огради на своето однесување, има лоши цели и постапува нечовечно. Постојано некого повредува, а ужива кога прави несреќа.

Против живот со зло говори свети Климент. Нормалните луѓе бегаат од злото, и за да избегнат да не им се направи нешто лошо, а и самите да не прават нешто нечовечно. Избегнувањето од злото е првото нешто што секој мора да го научи, најважното што секој треба да го знае во животот и што мора да го следи на својот човечки пат.

Прави добро!

Кога свети Климент Охридски рекол „Тргај се од злото и прави добро!“ – тоа беше поука не само за избегнување на лошите нешта, туку и барање да правиме добри дела. Избегнувањето на злото бара и дополнување со избирањето и правењето добро. На вистинската човечка страна не застануваме само со неправењето зло. За тоа се потребни и добра мисла, добар збор и добро дело.

Доброто е сила на животот, тоа него го гради и унапредува. Злото носи страдање, уништување и смрт. Доброто го крепи живеењето, тоа е исправен пат – правењето добро им носи добро на луѓето, како на другите, така и на доброчинителот. Добрината и убавината одат заедно. Кој е добар, тој им е убав на луѓето и се допаѓа себеси. Кој го одбира злото е грд и не се допаѓа.

Затоа треба да го послушаме свети Климент, кој ни ја кажа тајната на етиката и на исправниот живот. Избегнувањето на злото е вистинска работа, но правењето добро е уште повистинска работа. Неа треба постојано да ја посакуваме, да ја правиме и тоа да го истакнуваме и кај себе и кај другите.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top