На 24-ти април не би можеле да се спроведат квалитетни избори, сметаат од ЦИВИЛ

Под мотото „Сите за слободни избори во Охрид“ денес се одржа јавната дебата во организација на Центарот за слобода, ЦИВИЛ. Целта на дебата беше  да се проговори повеќе за тоа какви услови ни требаат за да имаме слободни избори во државава. 24ти април е премногу рано за да се спрведат  квалитетни избори, сметаат од ЦИВИЛ.

 |  Јаковлева Лионела  | 

На 24-ти април не би можеле да се спроведат квалитетни избори, смета претседателот на центарот за слобода-ЦИВИЛ, Џабир Дерала. Оваа констатација доаѓа како резултат на проценките на неговата организација која долги години наназад ги следи изборните процеси во Македонија.

 Цивил во сериозна комуникација и консултација со широка експертска група, која вклучува и меѓународни експерти со кои често соработуваме, дојдовме до заклучок дека навистина нема многу време до 24-ти април. Технички и стручно гледано, не веруваме дека има услови тие да се спроведат квалитетно. Без разлика дали некоја политичка партија е „за“ или „против“ тој датум, ние како организација сметаме дека можеме да го дадеме својот релевантен став врз основа на долгогодишното искуство и вклученост во оваа проблематика, рече Дерала.

Дерала потенцира дека Државната изборна комисија и другите надлежни институции мора крајно коректно да си ја завршат својата работа и да ја добијат потребната доверба од јавноста ако сакаме да се спроведат слободни и демократски избори. Ова беше истакната на јавната трибина „Сите за слободни избори“ која се одржа во Охрид, а е дел од проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“, кој Цивил го спроведува со финансиска помош од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Според ЦИВИЛ неколкуте изминати изборни процеси не биле регуларни. Тие биле ефикасно спроведени, но биле далеку од фер и демократски.

Ова е прилика во рамки на нашиот проект „Сите за слободни избори“ да проговориме повеќе за тоа какви услови ни треба за да дојдеме до ситуација за да кажаме дека имаме слободни избори. Ќе размениме мислење за тоа како можеме како граѓани, организации и локални политичари да придонесеме за подобрување на демократските процеси воопшто и во контекст на изборниот процес кој ни претстои, вели Дерала.
 
На трибината присуствуваа претставници на охридската локална самоуправа, на Советот на општина Охрид, политички партии, локални невладини организации како и заинтересирани граѓани на Охрид. Заклучоците од јавната дебата ќе бидат доставени до сите релевантни локални, државни и меѓународни институции.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top