Југословенскиот драмски театар вечерва на „Охридско лето“

Претпоследната вечер од годинешното 61-во издание на фестивалот „Охридско лето“ е резервирана за Југословенскиот драмски театар од Белград, Република Србија и тетарската претстава „Мојот маж“ од Румена Бужаровска, во режија на Јована Томиќ.

На сцената „Долни Сарај“ од 21 часот ќе играат српските актерки Jована Беловиќ и Сања Mарковиќ.

Румена Бужаровска во збирката раскази „Мојот маж“ создава портрети на различни жени, а поентата на нивната поврзаност е фактот дека мажите се централен фокус на нивните животи и постапки. Румена, создавајќи ги ликовите на нејзините хероини, храбро, грубо и духовито си поигрува со сите општи места на локалниот контекст, прецизно формирајќи ја иконографијата на патријархатот во кој сите сме заробени. Динамиката на односите е секогаш иста – мажот е на пиедесталот, додека жената во сивата зона на постоењето ги реализира своите цели и потреби без да ја наруши или загрози  машката позиција и моќ. Румена овој поширок контекст кој ги детерминира односите, постапките и случувањата на ликовите, не го преиспитува ниту го критикува. Таа протестира против патријархатот при што вели – патријархатот е наша реалност и ќе биде уште долго време. Во таква општествено-политичка рамка, каде што ниту на мажите не им е добро,  таа ни раскажува приказни за жените кои сите ги знаеме, кои се нашето најблиско опкружување, а честопати и самите сме тоа.

Јована Томиќ, основните дипломски и мастер студии ги завршува на Факултетот за драмски уметности во Белград, на Катедрата за театарска и радио режија, во класата на Алиса Стојановиќ. Во Југословенско драмско позориште таа ја поставува претставата од Г. Е. Лесинг „Натан Мудриот“ (2019). Ги режирала претставите: „Г-дин Бидерман и пироманите“, „Урнебесна темнина“ (Ателје 212), „Кабаре Нушиќ“ (Театар Зоран Радмиловиќ, Зајечар), „Лолита“ (Мадленианум), „Боси во паркот“, „Лисистрата“ (Национален театар Суботица), „Чекаќи ја иднината“ (Паоло Граси), „Егзодус„ (Драгстор, 20/44) и многу други. Добитник е на првата награда на Радио Белград 2, на конкурсот за радио драма „Неда Деполо“. Претставата „Движење“ и носи шест награди во рамките на 65 тиот фестивал „Стерјино Позорје“.

Театарската претстава „Мојот маж“ не се препорачува за лица помлади од 16 години.

 

 

 

 

вечерва, драмски, југословенскиот, лето, Охридско, театар

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *



© All rights reserved. Powered by Портал ТВМ.
Back to Top