Има ли бездомници во Oхрид и како преживуваат на студот?

Статистички бројот е мал, меѓутоа далеку од безначаен. Оваа тема станува особено актуелна во последниве недела дена пред се поради ниските температури. Од Центарот за социјални работи од Охрид велат дека постојано се работи на откривање на евентуалните нови случаи на бездомници и нивно успешно решавање.

 |  Мишел Наумоски  | 
Ohrid
Ohrid

OhridСтуденото време повеќе од било кога го извлече на површина прашањето за бездомните лица во државава. Во Охрид, досега евидентирани три случаи на бездомници кои делумно имаат своја разрешница. Во првиот случај станува збор за семејство на кое му било посочено како да аплицира за добивање на владините социјални станови, по која апликација, ова семејство веќе не спаѓа во категоријата на бездомни лица, а оствариле и право на социјална парична помош. Во другиот случај, Центарот за социјални работи му помогнало на едно лице да ја комплетира документацијата за остварување на право на постојана парична помош и право на надомест за туѓа нега. Во единствениот засега нерешен случај станува збор за нарушени семејни односи поради кои лицето останало на улица, но во соработка со Центарот се работи на средување на односите во ова семејство.

m-r Gordana Atanasova„Помош што може да им се понуди на бездомниците е пред се да им се понуди сместување во некој центар за бездомници или дом. Конкретно кај нас имаме Дом за бездомници во Чичино село меѓутоа можам да кажам дека на сите претходно споменати бездомници, понудено им е, меѓутоа не прифаќаат. Без нивна дозвола ние не можеме да ги сместиме во дом. Друга помош која им се нуди е во соработка со Црвениот крст кој секогаш ни излегува во пресрет, во давање на храна, пакети, топла облека, хигиенски средства, ќебиња и како што споменав, вклучување во народни кујни и остварување некои права на социјална заштита.“-вели М-р Гордана Атанасова-социјален работник при Центарот за социјални работи.

Освен овие три случаи, досега од Центарот за социјални работи велат дека не се детектирани нови случаи на бездомни лица во нашиот град.

„Што се однесува на откривањето на случаите на бездомници, нашите социјални работници постојано се на терени, вршат непосредни увиди кај корисници кои побарале право на некоја друга помош, побарале право да користат друга помош и значи се оди на увид. При тие непосредни увиди кои ги вршиме за одредени корисници кои користат одредено право, ние ја снимаме ситуацијата, значи дали има бездомници. Досега немаме евидентирано бездомници.“-рече Атанасова.

Атанасова со апел до граѓаните доколку забележат некое бездомно лице, веднаш да го контактираат Центарот за социјални работи на броевите 046-260-707 и 046-279-753.
Таа додава дека Центарот за социјални работи ќе ги преземе сите можни мерки за да им помогне на овие лица, дали преку сместување, обезбедување облека, храна, ќебиња или вклучување во Народната кујна која во Охрид функционира последните 2-3 години. Во Скопје се регистрирани 95% од случаите на бездомници. Иако Охрид статистички е скоро ирелевантен во овие бројки, сепак останува вистинска непознаница колкав број на бездомни лица во нашиот град сеуште не се евидентирани или пријавени како такви.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top