Хотелските капацитети во Охрид исполнети за новогодишните и божиќните празници

Хотелиерите интензивно се подготвуваат за престојните празници. Капацитетите се исполнети од 70 до 100%. Најмногу има гости од соседството, но и од европските држави.

 |  Јаковлева Лионела  | 

 

Хотелските капацитети во Охрид исполнети за новогодишните и божиќните празници. Хотелиерите велат дека најголем дел од гостите се од соседните земји и тоа од Србија и Бугарија. Цените за тридневен аранжман се движат од 110 до 150 евра по лице. Од хотелите Метропол и Белви велат дека многу се задоволни од продажбата на аранжманите во овој хотелски комплекс. Кај нив капацитетите се исполнети речиси 100% и тридневен аранжман чини 149 евра. Интензивно се подготвуваат за гостите од соседна Грција кои имаат резервирано за католички божик кој е на 25ти декември.

Комплексите се украсуваат. Внатрешниот дел веќе е готов. Сега се декорира надворешниот. Се прават последните подготовки за подготвени да ги дочекаме гостите. Дел од нив се и наши традиционални гости па сакаме да се прикажеме во најдобро светло, вели Атанас Николоски-преставник на продажба на хотелите Метропол.

Во хотелскиот комплекс Метропол- Белви најголемиот дел од гостите кои треба да пристигнат за новогодишните празници се странци кои имаат резервирано тридневни или четиридневни аранжмани, а има и такви кои  имаат резервирано само за дочекот на новата година кој чини 35 евра. Во цената е вклучено богато новогодишно мени, неограничен пијалок и забава со охридската група Камелеон.

Очекуваме добра забава, а на 1ви јануари наместо класичен доручек ќе има доручек на плажа каде ќе се подготвува скара и други специјалитети, ќе се служи вино и греана ракија, а ќе има и жива музика која ќе ги забавува гостите, вели Николоски.

И останатите хотели во градов се речиси полни. Од 70 до 100% се исполнети нивните капацитети. Радува фактот што најголемиот дел од гостите се странци, велат хотелиерите. Додаваат дека Охрид полека, но сигурно повторно станува атрактивен за гостите, посебно од соседството. Полни се капацитетите и на помалите хотели кои се сконцентрирани на охридскиот кеј. Претежно имаат резервирано гости од Србија, Бугарија, Албанија, Црна Гора, Словенија и Полска. Дел од нив немаат организиран дочек на новата година, па нивните гости по се изгледа ќе слават или во локалните ресторани или на плоштад. Хотелиерите велат дека Нова година е само претходница на она што треба да следува. Тие очекуваат уште поголема посетеност за големиот христијански празник, Богојавление-Водици. За викендот од 17ти до 19ти јануари ќе има и посебни аранжмани со дампинг цени. Резервации има уште од сега. Хотелиерите оптимистички очекуваат јануари да биде месец за паметење по бројот на гости кои ќе пристигнат во градов.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top