• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Градов интензивно се подготвува за големиот христијански празник Богојавление-Водици

Градов интензивно се подготвува за големиот христијански празник Богојавление-Водици

Градов интензивно се подготвува за  големиот христијански празник Богојавление-Водици. Спасувачките екипи од Црвен крст Охрид и годинава ќе бидат на ниво на задачата, а ќе бидат ангажирани и нуркачите од клубот Амфора, како и екипи од итната медицинска помош. Се апелира до капачите да се почитуваат препораките како би се избегнале несакани последици.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Подготовките за големиот христијански празник Богојавление-Водици се при крај. Спасувачките екипи од Црвен крст Охрид и годинава ќе бидат на ниво на задачата, а ќе бидат ангажирани и нуркачите од клубот Амфора, како и екипи од итната медицинска помош. Тие ќе се грижат за безбедноста на капачите, но и на сите посетители кои ќе дојдат да го проследат овој настан. Најчест проблем предизвикува разликата во температурата на водата и воздухот, но оваа година според предвидувањата на метеоролозите параметрите на температурата на водата и воздухот на денот на Богојавление ќе бидат речиси исти. Денес измерена е температура на водата од 6,5 степени Целзиусови.

Но тоа не значи дека самите капачи не треба да бидат претпазливи. Тие треба да ги следат препораките кои ги даваме, а тоа е доколку чуствуваат некоја слабост да не влегуваат во водата, или пак доколку се болни. А оние кои сакаат да се искапат да го направат тоа многу кратко и да не бидат во вода повеќе од 3 до 5 минути, да не конзумираат алкохол пред влегување во езерото, вели Сашо Точков, претседател на Црвен крст- Охрид.

Нуркачките тимови викендов го исчистија дното на езерото кај градското пристаниште како би се намалила опасноста од физички повреди на капачите, но сепак се апелира тие да не пливаат без обувки. Екипите на Црвен крст еден ден пред Богојавление во попладневните часови ќе вршат прегледи на сите оние кои ќе скокаат по чесниот крст. Локалната самоуправа која е и главен организатор на настанот го формира организациониот одбор кој заедно со сите останати институции ги прави сите напори тој да помине во најдобар ред.

Постојано сме во координација и со Локалната и со екипите од СВР. Итната медицинска помош, Капетанија, јавните претпријатија во градов и бидејќи имаме претходно искуство сигурен сум дека се ќе помине во најдобар ред, вели Точков.

Фрлањето на крстот ќе биде после 10 часот од колцето на пристаништето, а на сите оние кои ќе скокаат по него им се сугерира да пливаат по точно определената патека бидејќи на тој простор е исчистено дното и опасноста од повреди е помала. Црвен крст традиционално организира и крводарителска акција која ќе се одвива во Центарот за култура „Григор Прличев“ од 9 до 14 часот, па сите хумани охриѓани и гости ќе можат да даруваат дел од својата скапоцена течност.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top