Д-р Балевски: Се бориме секој потежок случај на Ковид да добие болничка нега

Расте бројот на хоспитализирани охриѓани со потешка форма на Ковид.  Во општа болница, оваа во споредба со предходната недела, скоро удвоен е бројот на пациенти. Притисокот врз болницата ќе се зголемува во периодот што следи. Директорот д-р Балевски вели дека ќе преадаприраат оделенија ќе приспособуваат капацитети и ќе се борат секој пациент на кој му е потребна болничка нега да биде згрижен.

 |   | 

Како што се зголемува бројот на заразени охриѓани со корона вирусот расте и бројот на хоспитализирани лица во Општата болница кои развиваат потежок облик на болеста  Ковид-19. Во моментов се згрижени 71 пациент од кои 10 се суспектни на вирусот односно се чека резултат од тест. На кислородна поддршка се 15 пациенти.

„Имаме уште 4-5 слободни кревети. Охрид има огромен број позитивни и секој ден доаѓаат граѓани, а на нас како болница е сите пациенти со потешка клиничка слика да ги згрижиме. “ вели директорот на ЈЗУ Општа болница – Охрид, д-р Горан Балевски.

Половина  од  интерното одделение, по насоки од министерството за здравство веќе е  иселено и преадаптирано во ковид болница.  Во предходно преадаптираниот дел од хирургија се  сместуваат пациентите кои се сомнителни за присуство на вирусот. Бројот на пациенти на кои им е потребна нега во болнички услови скоро се удвои оваа во споредба со предходната недела. Притисокот врз болницата ќе се зголемува во периодот што следи.

„Додека не ја добиеме  модуларната (монтажна) болница ќе иселуваме и приспособуваме капацитети. И досега направивме многу. Ние како општа болница со над 60 ковид пациенти обезбедуваме да работи и другиот дел од болницата. Болницата е оперативна, не е суспендирана хируршката програма, работат Уво нос и грло, урологија, гинекологија . Никој потежок случај сигурно нема да го оставиме. Ќе се бориме колку што треба. Вклучени се сите лекари интернисти, инфектолози дел од медицинскиот персонал на хирургија. Комплетна реорганизација на кадарот е направена. “ – објаснува д-р Балевски.

Доколку се јави зголемена потреба од дополнителни капацитети за згрижување на пациенти, според заклучоците од последниот состанок на општинскиот кризен штаб би можеле да бидат искористени и останатите здравствени објекти на подрачјето на општината. Во Охрид според последниот извештај од ресорното министерсво има 258 активни случаи на вирусот.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top