БЕРТОЛИНИ: ОД СЛЕДАНТА ГОДИНА РЕКАТА САТЕСКА ЌЕ СЕ ВРАЌА ВО СТАРОТО КОРИТО

Раководителот на Секторот за соработка на Делегацијата на Европската унија Никола Бертолини, во рамките на денешната посета на Охрид, на лице место ја разгледа локацијата и беше запознаен со Проектот за враќање на реката Сатеска во старото корито.

 |   | 

Раководителот на Секторот за соработка на Делегацијата на Европската унија Никола Бертолини, во рамките на денешната посета на Охрид, на лице место ја разгледа локацијата и беше запознаен со Проектот за враќање на реката Сатеска во старото корито.

Во друштво на првиот човек на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски, градоначалникот на Дебрца Зоран Ногачески и нивниот струшки колега Рамиз Мерко, Бертолини беше запознаен со предизвиците на овој проект.

– Овде, во регионот на Охрид и Струга најдовме одлична комбинација на локална посветеност со интернационална поддршка. Многу често помагаме вакви проекти, затоа што животната средина е исклучително важен сегмент во животот на граѓаните. Ова е вистински одговор на вакви прашања и ние сме многу среќни поради тоа, истакна Бертолини.

Првиот човек на Охрид, проф. д-р  Јован Стојаноски, во име на колегите од Струага и Дебрца испрати благодарност до УНДП и до Европската Комисија за овој извонреден проект кој е во интерес за  сите три општини во охридскиот регион, кој е заштитен од УНЕСКО.

– Овој Проект е вистински напредок во правец на зачувување на природната средина и Езерото и е прва фаза во завршување на целокупниот проект со кој реката Сатеска се враќа во старото корито. Со тоа Охридското Езеро станува почисто и се ослободува од сите оние седименти, од азот и од фосфор кои се главни загадувачи. Ние сме на прагот на донесување на планот за управување со целокупното сливно подрачје, кој се очекува да биде донесен на почетокот на следната, 2019-та година. Тоа ќе претставува основа за донесување на планот за управување со Охридското Езеро и со охридскиот регион во целина. Трите општини го поддржуваат прогресот, а ја отвораме вратата во заштитата на регионот да влезе и четвртата општина, односно Поградец во соседна Албанија, истакна градоначалникот Стојаноски.

Тој додаде дека проектот на враќање на реката Сатеска во старото корито ќе започне на почетокот на следната година.

Реката Сатеска во далечната 1961 година беше пренасочена од нејзиното природно корито и наместо да се влева во реката Црн Дрим, таа веќе шест децении се слева во Охридското Езеро. Причините за таквиот зафат беа за да се оневозможи внесување талог во акумулацијата „Глобочица“, за мелиорација односно исушување на Струшкото Блато и да се зголеми потенцијалот на водата од Охридско Езеро за производство на електрична енергија.

Градоначалникот на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски, во своето обраќање по повод 100 дена на чело на Локалната самоуправа, го најави пренасочувањето на реката Сатеска во старото корито како решение за голем дел од еко проблемите на Езерото. Доколку овој проект биде реализиран, ќе биде отстранет еден од најголемите загадувачи на Езерото.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top