• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Бели гулаби, песнички и искрени пораки за мир од најмалите охриѓанчиња на Меѓународниот ден на мирот

Бели гулаби, песнички и искрени пораки за мир од најмалите охриѓанчиња на Меѓународниот ден на мирот

Порака за крај на војните и насилствата низ целиот свет упатија и членовите на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца. Традиционално, за овој ден, беше прочитана и пораката за мир упатена од генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки Мун.

 |  Мишел Наумоски  | 
mir

Пуштајќи ги белите гулаби, симболот на мирот и пренесувајќи ги искрените детски пораки и желби за крај на сите насилства и војни во светот, денес, најмалите охриѓанчиња од градскиот плоштад покажаа колку малку е потребно за да се оствари најголемата желба на човештвото и да стане реалност. Пеејќи песнички, играјќи и носејќи пораки за мир во рацете, тие го одбележаа меѓународниот ден на мирот. Денес точно на пладне, преку актерот Ивица Цонев, сите имаа можност да ја чујат и годинешната порака за мир упатена од генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки Мун.

poraki za mir„Иако можеби тоа да изгледа безнадежно далечно, сонот за мир пулсира во животите на луѓето насекаде. Не постои група повеќе подготвена да се оствари овој сон, од денешните млади луѓе. Тие се дел од големата генерација на млади во историјата, повеќе свесни и повеќе поврзани од било кога порано, апелирам до сите влади да донесат поголеми инвестиции во реализација на потенцијално големи придонеси во млади градители на мирот во светот.“-стои во дел од пораката на генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.

„Тажно е што ваквите пораки тешко пробиваат до водачите на многу војни и судири кои моментално се водат во светот, тажно е што овие пораки сеуште наликуваат на сон иако со добра волја се остваруваат.“ Со овие зборови, кон пораките за мир се приклучи и заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев.

megjunaroden den na mirot„Во светот војна водат луѓе што воопшто не се познаваат меѓу себе, во името на неколку што премногу се познаваат меѓу себе. Од овој свет град, од ова свето место нека победи добрата волја, нека престанат војните во коишто бесцелно се губат човечките животи и се уништуваат материјалните и културни добра. Луѓето во светот нека живеат во мир, слобода и благосостојба.“-вели Јанев.

Кон чествувањата се приклучија и членовите на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца. Тие обединети под мотото „Ветераните маршираат за мир“, го изведоа нивниот мировен марш.

borci den na mirot„Во името на мирот, посакуваме сите луѓе да носат во душата чувство и ехо на слобода затоа што само така луѓето ја претвораат својата земја во Татковина. Време е оружјето да стивне насекаде на планетата земја. Треба да се искористи како можност апелот на генералниот секретар на Обединетите Нации за мир, за сите да размислат за цената која се плаќа за време на воени судири и да се изнајдат решенија како мирот да стане постојан.“-рече Никола Стефаноски-потпретседател на Сојуз на борци од Охрид и Дебрца.

Пораките за мир, за жал како што поминуваат годините се повеќе ни требаат. Годинава Европа, Балканот и Македонија се соочуваат со голема бегалска криза предизвикана токму од бројните воени конфликти кои траат со години. Иран, Ирак, Сомалија, Сирија, конфликтите не се непознати и за Македонија. Според зборовите на генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки Мун, ова е време во кое започнува ерата на едно големо ветување. Во својата мировна порака, тој вели дека треба да се искористи убавиот јубилеј, седумдесет годишнината на Обединетите Нации за да се спасат генерациите од злото на војната.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top