Бактериолошки неисправна водата за пиење во три села во Дебрца

Од Центарот за јавно здравје се забранува за пиење и користење водата од селските водоводи во селата Климештани, Требеништа и Мешеишта. Јавното комунално  претпријатие Дебрца кое стопанисува со водоводот во Требеништа ја хлорирало  водата, а не се надлежни за другите два  селски водоводи бидејќи со нив стопанисуваат месните заедници. 

Бактериолошки неисправна вода за пиење има во три села во Дебрца, покажуваат последните анализи од Центарот за јавно здравје -Охрид. Од таму препорачуваат забрана за употреба на водата за пиење од водоводите во селата Климештани, Требеништа и Мешеишта. Игор Крцоски, директор на Јавното комунално претпријатие Дебрца, информира дека се преземени активности за решавaње на проблемот со водоводот во село Требеништа кој е под нивна надлежност.

Во Требеништа водоводот е во сопственост на ЈКП и имаше бактериолошка неисправност на водоводната мрежа. Во саботата направивме хиперхлорирање на резервоарот и водоводната мрежа. Пуштивме нови примероци на вода и ги очекуваме резултатите од анализите на ЦЈЗ. Се уште е забраната да не се користи водата за пиење во Требеништа.“

Водата за пиење од селските вододводи во Климештани и Мешеишта, со кои стопанисуваат месните заедници, пак и понатака е небезбедна за користење. Крцоски информира дека ги известиле жителите од овие села за забраната за користење на водата за пиење. Напоменува дека тешко оди трајното решавање на проблемот иако се обидувале да го преземат од месните заедници стопанисувањето на водоводните мрежи.

„Се обидуваме, имавме ситуации и во другите села во Дебрца. Постепено ги регулираме тие работи и ги ставаме во нормална употреба водите кои се под надлежност на Јавното комунално претпријатие“.

Од ЦЈЗ препорачуваат во овие три села водата да се хлорира во континуитет за да биде здравствено исправна. Нивните последни анализи од 23 март покажале дека се најдени Ешерихија коли и Ентеробактерии во водоводите во селата Климештани и Требеништа како резултат од нехлорирање на водата. Во селото Мешеишта било констатирано дека водоводот не се третира со резидуален хлор. Во трите села водата од селските водоводи се забранува за пиење, одржување на лична хигиена и хигиена на раце во домаќинствата. Се препорачува водата да се третира со хлорен препарат или да се преврива од 45 до 50 минути.

 

бактериолошки, водата, Дебрца, неисправна, пиење, села, три

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *



© All rights reserved. Powered by Портал ТВМ.
Back to Top