Бакрачески: Општина Охрид би поддржала проект,Банка за храна

Општина Охрид би подржала, но и би била иницијатор за отпочнување со проект „Банка за храна“. Градоначалникот Бакрачески смета дека тоа е добар концепт. Додека пак претседателот на Црвениот крст, Сашо Точков потенцираше дека од нивна страна во 2007 година имало една таква иницијатива, која тогаш не успеала.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Охрид има потреба од Банка за храна. Сиромаштијата била, е, и ќе биде присутна и понатаму, а факт е дека голем дел од храната од дистрибутивните центри, големите маркети како и од хотелско угостителските капацитети завршуваат на ѓубре. Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, вели дека досега не размислувале за реализација на еден ваков проект, но смета дека Локалната самоуправа на Охрид би можела да поддржи еден ваков проект.

„Вака како идеја е допадлива, значи можеме да ја разгледаме да видиме колку таа е остварлива, одржлива,кои се механизми треба да ги вклучиме за да реализираме една таква идеја, меѓутоа зошто да не ние како општина Охрид би поддржале една таква идеја или би биле иницијатори за отпочнување на еден таков проект“.

Претседателот на Црвениот крст од Охрид Сашо Точко, открива дека во 2007 година имало една таква иницијатива од нивна страна до Локалната самоуправа, но истата била поддржана само од страна на угостителските објекти, каде храната која им останувала почнале да ја дистрибуираат до нив.

„Почнавме со неколку семејства и пекари во градот, каде што доставувавме до неколку семејства. Потребна е навистина една добра разработка на една ваква идеја и потребни се технички ресурси човечки имаме, волонтерите на Црвен крст, но технички ресурси, возила, простор каде што ќе може да се складираат тие прехрамбени производи и секако оние критериуми кои ги бара ХАСАП системот ги немаме, за да може еден таков ланец да се применува“.

Оваа идеја не се реализирала бидејќи како што тврди Точко во тоа време од страна на Локалната власт немале повратна информација. Додава дека некои угостителски објекти излегле во пресрет но тоа било со краток рок, поради ограничените технички ресурси. Според Банката за храна на Македонија, околу 900 илјади граѓани во Македонија живеат под прагот на сиромаштијата. Од таа причина тие инсистираат да се донесе закон за нефрлање храна по депонии бидејки, според нив, со фрлените количини храна на која ѝ истекува рокот, може да се обезбеди оброк на над 20 илјади домаќинства во земјава.Во Македонија се фрла речиси една четвртина од вкупното количество храна со која манипулираат маркетите, рестораните, производителите и дистрибутерите.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top