Жители на два станбени блока и 10 куќи со години немаат пристапен пат до своите домови

Жители на два станбени блока и 10тина куќи со години немаат пристапен пат до своите домови. Патот вцртан во урбанистички план не е пробиен поради нерешени имотно правни односи а пристапната патека која до пред 10 години ја користеле им ја блокира со препреки еден сосед. Граѓаните бараат помош од локалната во спротивно најавуваат протест со блокирање на Булеварот Туристичка на пресекот со улица Бистрица.  

 |   | 

100тина семејства на ул. Бистрица немаат пристапен пат за автомобили до своите домови.  Жителите на два станбени блокови и 10тина куќи се жалат дека се блокирани со години затоа што еден нивен сосед го узурпира патот. Со години испраќаме петиции, молби и барања до локалната самоуправа, баравме и од полицијата да се отстранат препреките и да ни се овозможи користење на патот, но надлежните ништо не преземаат, велат граѓаните.

„ Десет години никој не најде за сходно од Општина Охрид да ни помогне во решавање на проблемов.  Имавме еден пристапен пат до 2010год. Комшијата наспроти го блокира со барикади. Од тогаш сме тотално блокирани од сите страни. Ни беше ветувано дека ќе ни го решат проблемот , до ден денес ништо од тоа. За итни случаи, брза помош, пожарна, нема пристап од каде да влезе, може да се случи катастрофа. – вели претседателот на Куќен совет, Јован Камнароски.

Истрефи Садудин, жител на ул. „Бистрица“ вели дека од 2010 година се водат судски спорови за оваа  патека од 19м2. Патот е вцртан во урбанистички план и е во државна сопственост но неговиот сосед се обидува со години да го приватизира врз основа на корисничко право. Откако неговите обиди низ судските постапки  завршиле без успех тој поставил препреки со што ги оневозможува жителите на овој потег да го користат патот.

„ Соседот имаше приватизирано еден дел од таа патека но тоа беше поништено од Управен и Виш управен суд.  Тој узурпират и никој против него не презема мерки. Не знам кој закон го штити него. Сме биле и во полиција, таму ни велат дека општината е надлежна  Сме биле во општина, чекавме да преземат мерки .  Пред изборите дојдоа тука, ветија дека ќе се ангажираат, ќе асфалтираат но така остана.  – објаснува Садудин.

Влезовите на зградите 104 и 102 урбанистички излегуваат на улица која не е пробиена поради нерасчистени имотно правни односи, велат од локалната самоуправа. Томе Нанески од Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици објаснува дека потребно е да се направи експропријација на земјиште, која постапка локалната самоуправа ќе ја започне но тој процес трае долго. Во меѓувреме од локалната ветуваат дека ќе ја регулираат односно отворат пристапната пешачка патека која во моментов е блокирана со препреки.

„Ние ќе интервенираме кај сопственикот на земјиштето да ги отстрани тие препреки за граѓаните во овој момент да можат непречено да пристапуваат кон своите домови и во меѓувреме ќе отпочнеме постапка да им обезбедиме на граѓаните пристап според ДУП.“ изјави за ТВМ Томе Нанески.

Доколку локалната не преземе кокретни чекори за надминување на проблемот граѓаните кои живеат на овој потег, најавуваат мирен протест со блокирање на Булеварот Туристичка на пресекот со улица Бистрица. 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top