Промовирано делото „Подводна и хипербарична медицина“ од д-р Горан Балевски

Излезе првата книга во Македонија за тајните на  подводната и хипербарична медицина. Годините поминати во нуркањето како спорт, но и професионалниот ангажман и првите искуства  од работата со хипербаричната комора, биле инспирација, нашиот сограѓанин, истакнатиот доктор Горан Балевски на хартија да го стави се тоа во неговото дело „Подводна и хипербарична медицина“, кое синоќа беше промовирано во Охрид.

 |  Биљана Николовска  | 

Нуркањето е една убава авантура која му ја исполнува душата на нуркачот со убавините на подводниот свет. Но сепак, ограниченото време на нуркање може да носи и опасности кои можат да завршат фатално. Врската на нуркањето и медицината ја опишува д-р Горан Балевски во своето прво дело „Подводна и хипербарична медицина“, кое синоќа беше промовирано пред охриѓани. Рецезентот  д-р Здравко Тројачанец истакна дека авторот на делото е голем вљубеник во езерото, во Охрид, во професијата, во нуркањето и вљубеник воопшто во спортската дисциплина. Додава дека книгата е мала по обем, но голема по пораките и полна со исцрпни податоци за нуркањето и хипербаричното лекување.  

„Првиот дел е едукативен за оние кои од разни причини сакаат да се бават со нуркање, рекреативно професионално, тие кои што сакаат да ги дознаат тајните на длабочините. Тајните на длабочините се убави но и опасни тоа се е опишано во книгата. Вториот, медицинскиот дел, хипербарична терапија и декомпресивна терапија тие се од големо значење пред се за лекарите кои се во допир со разни случаи.“– изјави проф. Д-р. Здравко Тројачанец – рецезент.

Истакнатиот меѓународен нуркачки тренер и инструктор, Милутин Секуловски, се јавува како втор рецезент на научното издание „Подводна и хипербарична медицина“. Тој истакна дека овој  пионерски потфат на д-р Балевски, според неговото долгогодишно искуство во нуркањето, му кажува  дека ова е литература која треба да ја поседува секој нуркач, медицинските лица како и сите други кои сакаат да научат нешто ново, интересно и корисно.

„Ме радува што овој прирачник претставува основа во подводната и хипербарична медицина во Р Македонија од која ќе се црпат податоци за други слични изданија. Имајќи во предвид дека бројот на нуркачи во Македонија од година во година се зголемува, а аналогно на тоа се зголемува и бројот на професионални и рекреативни нуркања, овој прирачник несомнено претставува основа за безбедно нуркање.“– вели Секулоски.

Горан, неизмерно ти благодарам за сето она што му го подари на градот Охрид на моите пријатели, твоите другари, твоите колеги кои што претпоставувам дека се приближно толку горди колку што е вечерва гордо твоето семејство. Охрид ти е неизмерно благодарен за твоето дело. Ова го  истакна првиот човек на градот д-р Никола Бакрачески, зборувајќи пред се во името на неговото долгогодишно пријателство со д-р Балевски.

 „Во овие 35 години пријателство и другарување со Горан можам да констатирам и да ве уверам на сите вас во едно, дека се што направил во неговиот животот е плод на неговиот сопствен труд, плод на неговата јасно дефинирана љубов кон нештата, било да е тоа медицината, нуркањето или оние општествени вредности кои го красат еден човек, дали е тоа семејството, пријателите, другарите и сето она што го чини живеењето во овој град“.- кажа Бакрачески, Градоначалник на Охрид.

Заблагодарувајќи им се на сите кои на било каков начин допринеле за да излезе од печат првото научно издание во Македонија за тајните на  подводната и хипербарична медицина, авторот, д-р Горан Балевски истакна дека книгата е плод на две работи медицината и нуркањето.

„Дел од книгата, да кажам првиот дел каде се напишани делови од подводната медицина се напишани сите несакани ефекти, од труење со азот до кислородна епилепсија. Тие се напишани за лесно читање може секој да ги разбере и ќе им служи на лекарите така и на нуркачите да нуркаат безбедно да немаат проблеми. Вториот дел кој е потежок е делот на хипербарична медицина. Наши лични искуства, делот каде што се 4 поглавја, шекер, аутизам се мои лични сознанија од работата со хипербаричнаа комора и ти се објевени во меѓународен часопис “– истакна  д-р Горан Балевски.

Балевски пред присутните не ја криеше возбудата и силните емоции при неговото обраќање, посебно кога се заблагодари за поддршката на неговото семејство, на кои всушност било посеветено ова дело. Големата општинска сала беше преполна, тука беа неговите колегите од работа, колегите нуркачи и остнати пријатели и гости.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top