Во државава има недостаток од претшколски установи

Роди трето дете па плаќај жена да ти ги чува.

 |  Маја Савиќ  | 
gradinka
градинка

gradinkaПреполните градинки со стутканите креветчиња и недоволен број негувателки и воспитувачки им создаваат проблем на родителите, кои мака мачат да ги сместат децата во овие претшколски установи. Во поголемиот дел од градинките во земјава или нема слободни места или, пак, има недостаток на персонал, а проблемот е најсериозен во главниот град, каде што има само 18 градинки, со капацитет за 9.800 деца.
– Годинава не успеав да ја запишам тригодишната ќерка во градинка, ми кажаа дека нема место. Не знам како е можно да има недостаток од градинки, ни велат да раѓаме повеќе деца, а од друга страна нема кој да ни помогне во нивното згрижување и воспитување. И јас и сопругот сме вработени, па ќе морам да ангажирам некоја жена што ќе не чини многу поскапо, отколку во градинка. На овој начин моето дете ќе има кој да го чува, но ќе има недостаток од социјализација – вели мајката Александра Илиевска од скопската населба Аеродром.
И надлежните во градинките објаснуваат дека мора да ги враќаат децата назад бидејќи немаат доволно простор затоа што имаат зголемен интерес за запишување во градинките.
Во пренатрупаните градинки директно се прекршува Законот за заштита на децата бидејќи групите се речиси двојно поголеми од дозволеното. Според Законот, групата на деца, на возраст до 12 месеци, треба да брои од шест до осум деца, од 12 до 18 месеци, од осум до 10 деца, а постари од 18 месеци до две години, во група е дозволено да има 10 до 12 деца. На возраст од две до три години во една група треба да има максимум 15 деца, од три до четири години од 15 до 18 деца, од четири до пет години од 18 до 20 деца, и од пет до шест години, од 20 до 25 деца.
Просечно, една негувателка во земјава треба да згрижи осум деца, но ова е само на хартија бидејќи практиката покажува дека голем дел од нив дневно треба да се справат со повеќе од петнаесет деца.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top