Categories
Струга

Синоќа започнаа „Струшките вечери на поезијата“

„Горда сум што Македонија е препозната во светот по еден од најреномираниoт и најстар поетски фестивал “Струшки вечери на поезијата“- истакна министерката за култура.

Со голем огномет и со традиционално палење на симболичниот оган, синоќа на платото пред Домот на поезијата, официјално се отвори меѓународната поетска манифестација “Струшките вечери на поезијата”. Четириесет и седмото јубилејно издание, беше крунисано со стиховите од поемата  “Т’га за југ” на Константин Миладинов, која беше прочитана на македонски и англиски  јазик.

Струга е престолнина на светската поезија, од каде во единствен хармоничен глас се слеваат зборовите на сите јазици во светот, пренесувајќи  ја пораката за пријателство, разбирање, соработка и заеднички просперитет, изјави министерката за  култура, Елизабета Канческа-Милевска. Таа ги посочи успесите на овој митски фестивал. Во изминативе четириесет и седум години, близу четириилјади  поети, есеисти и критичари, испратиле пораки на своите култури на македонската земја, додаде Канческа-Милевска. Токму поради тоа, таа рече дека е горда што нејзината земја, меѓу другото, е позната во светот и по еден од најреномираните и најстарите поетски фестивал “Струшки вечери на поезијата“

„Нема Македонец кој не посакал да дојде во Струга за да им се восхитува на поетите на светот. Нема поет што не посакал да се искачи на струшкиот мост на поезијата, да се обрати и да биде чуен од целата поетска вселена“-  истакна министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.

Домаќинот на манифестацијата, градоначалникот на Струга,  Рамиз Мерко, нагласи дека овој меѓународен фестивал фигуративно е олимпијада на најсуптилното човечко духовно творештво.                                                                                

Синоќа на  свеченото отворање беа присутни и вицепремиерот Ивица Боцевски, министерот за образование и наука Перо Стојановски, првиот претседал на Република Македонија,  Киро Глигоров и други личности од јавниот и политичкиот живот во земјава, како и бројни  вљубеници во поезијата. На мифестацијата учествуваа педесет  домашни и седумдесет  странски поети,  од четириесет и пет земји од светот.  Со меѓународното поетско читање „Поетски меридијани„ синоќа се затвори првата вечер на овогодинешните четириесет и седмите  по ред,  „Струшки вечери на поезијата“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *