Понесен од љубовта кон Охридското езеро, стружанецот Ренато Глигороски на родниот крај му подари проект за довршување на колекторскиот систем. Без паричен надомест, Глигороски го изработил проектот во својата Проектна канцеларија во Австрија, државата која сега е негов втор дом.

„ Мислам, дека за да се реализира овој проект, најважна е волјата на граѓаните и институциите. Според мене, трошокот направен за изработка на проектот е незначителен во однос на штетата која може да биде предизвикана доколку наскоро не се заврши колекторскиот систем“, вели Глигороски.

Проектот претставува документ, со кој општините Охрид и Струга ќе можат да аплицираат до меѓународните фондови.
Владо Жупан, од секторот за Локален економски развој од Струга, потенцира дека изработениот проект е од големо значење, затоа што ќе овозможи во иднина да се обезбедат потребните средства за довршување на колекторот.

Проектот се состои од два дела. Едниот се однесува на општина Охрид за недовршениот дел од колекторскиот систем, кој го опфаќа потегот од Пештани до Св. Наум. Другиот пак, за недовршениот дел од колекторот во општина Струга.
Денес, во просториите на МЈП Проаква Струга, се изврши презентација на проектот.

 

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

%d bloggers like this: