Советниците од македонскиот блок партии, бараа пролонгирање на оваа предлог одлука. И покрај укажувањата на можните последици до загадувањето на животната средина, сепак одлуката се усвои.

Четриесет и петтата седница на советот на општина Струга, денес помина релаксирано. Советниците единствено отворија дискусија  за предлог одлуката за третман и отстранување на инертен отпад односно градежен шут. За таа намена инспекторите за заштита на животната средина понудија две локации, во село Долна Белица. На овој предлог реагираа советниците,  од македонскиот блок партии. Според советникот Илија Мацески, местото каде би се депонирал градежен шут, е во близина на село Враништа а тоа би му предизвикало бројни проблеми на месното население.

„Ваква  ситуација имаше и пред  дваесетина години, кога советот на општина Струга донесе одлука, на истото место да се депонира смет. Тогаш помеѓу населението од Враништа се појави епидемија. Токму поради оваа причина, барам да се отвори поширока расправа на оваа тема и да се ангажираат стручни лица за да увидат, дали постои опасност од депонирањето“ вели Илија Мацески

Тој потенцира дека оваа предлог одлука мора да се пролонгира, бидејќи неопходна била консултација со месното население од селото. Доколку не бидат сослушани жителите, Мацески прогнозира дека проблемите ќе се  неизбежни.

„Се работи за две јами каде моментално се фрла отпад од секаков вид, објаснува секретарот на општина Струга, Зоран Гулисоски. Подобро истите да се исчистат и да бидат наменети само за градежен шут, од колку во нив да се фрла се и сешто“, додава тој

Онака како што е презентирана предлог одлуката е неприфатлива, истакна советникот Симон Алексиески. Вели, недостасува елаборат за заштита на животната средина, како и  мислење за штетните последици од депонирањето. Според него,  во предлог одлуката треба да се вметнати и податоци, кололку финансиски средства ќе бидат определени за транспортирање на шутот до депонијата како и за нејзино одржување.

И покрај реакциите, сепак предлог одлуката за третман и отстранување на градежен шут, се усвои. Меѓу другото, на денешната седница помина и предлог одлуката за патување на делегација од Струга во општина Силистра-Република Бугарија. Советниците ги изгласаа и измените и дополнувањата на одлуката за утврдување тарифен систем и систем за наплата за превоз на патници,  во општинскиот линиски превоз.

 

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

%d bloggers like this: