Categories
Сцена & Муабети

Планетите како Земјата се исклучок

Земјата како планета можеби сепак не е единствена во вселената. Досега се откриени над стотина планети кои кружат околу некои други ѕвезди.

Земјата како планета можеби сепак не е единствена во вселената. Досега се откриени над стотина планети кои кружат околу некои други ѕвезди.

Во минатото десетлетие откривањата на овие екстрасоларни планети ги охрабрија научниците да почнат да размислуват за планети на кои постојат услови за живот. Новите истражувања пак покажуваат дека Сончевиот систем е сосема необичен во споредба со други ѕвездени системи.

Планетите кои досега се откриени се формирани во сосема поинакви процеси во однос на планетите од Сончевиот систем. Поголем број од овие екстрасоларни планети се откриени со таканаречената метода на гравитационо нишање на матичната ѕвезда. На истиот начин како што една ѕвезда привлекува некоја планета, така и таа планета ја привлекува матичната ѕвезда со својата гравитација. Тие благи поместувања на ѕвездата (или нејзиното нишање околу оската) се доказ дека околу неа постои некое тело со одредена маса, т.е. дека постои планета. Заради тоа што планетите се многу помали и полесни од ѕвездите тие поместувања се многу мали и дури во последните десетина години се направени доволно чувствителни телескопи и соодветни иструменти кои можат да ги регистрират овие движења на ѕвездите. Дури и со тие иструменти може да се откријат само планети кои се потешки од Јупитер, кој пак е вистински џин во нашиот планетарен систем.

За сега не е возможно да се откријат планети кои имат големина на Земјата. Јупитер, од друга страна, не е погоден за живот: многу е ладен и воглавно е составен од густ плин, па според тоа малку е вероjатно дека и екстрасоларните гасовити џинови можат да обезбедат услови за живот. Астрономите веруват дека ако пронајдат планета со големина на Јупитер на приближно исто растојание на кое Јупитер кружи околу Сонцето, тогаш во еден таков систем постои можност и за мали, земјолики планети. Меѓутоа, британските астрономи застапуваат пионакво гледиште. Тие сметат дека карактеристиките на сите досега пронајдени екстрасоларни планетите се сосема поинакви во однос на нашиот Јупитер. До сега се откриени 123 екстрасоларни планети и тие се и до 10 пати помасивни од Јупитер. Исто така, поголемиот број од овие екстрасоларни планетите се блиску до матичните ѕвезди, па се наречени “жешки Јупитери”. Тоа се планети со изразено елипсодни орбити, додека и Земја и Јупите кружат околу Сонцето по речиси кружни патеки.

Од кога Никола Коперник ја помрдна Земјата од центарот на Универзумот, астрономите почнаа да мислат дека не постои ништа посебено во нашето мало место во Вселената. Понатаму, астрономите се со мислење дека другите планети не се формирани со истите процеси кои го создале Сончевиот систем, така да тие системи имат помалку планети погодни за одржување на живот. Планетите во нашиот Сончев систем се формирани од облак на гас и прашина кои кружејќи околу Сонцето (тогаш во форма на протоѕвезда) се кондензирале. Така полека се формирале јадрата на идните планети со цврста површина какви што се и нашата Земја, Марс, Венера и Меркур.

Меѓутоа, ова не е единствениот начин за создавање на планетите во Сончевиот систем. Џиновските гасовити планети можат директно да го соберат гасовитиот материјал околу ѕвездата, рушејќи се под сопствената гравитација. Ваковиот процес, кој генерира џиновски планети со широк обем на орбитални радиуси, не е способен да произведе каменити планети какви што се оние во нашиот систем. Ова теорија се уште не е докажана, а за нејзино докажување ќе биде потребно многу време и многу нови набљудувања. Тогаш ќе откриме дали нашата Земја е навистина редок бисер во вселената или само едно зрно песок во пустина.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *