Categories
Сцена & Муабети

Научна фантастика на бојно поле

Иднината комплетно ќе го смени конвенционалното оружје и војување.

Иднината комплетно ќе го смени конвенционалното оружје и војување. Воената индустрија секојдневно напредува и се развива во многу насоки, така што се очекува во иднина да се војува со суперласери, читачи на мисли, микробранови пушки, електромагнетни снопови…

Војниците ќе бидат опремени како роботи, а и сега американските сили во Ирак и Авганистан со себе имаат бројни помагала за навигација и опстанок во тешки услови. Само годинава, Пентагон ќе вложи 75 милијарди долари во развој и истражување на вооружувањето. САД децении наназад постигнува значајни успеси, благодарение на инвестирањето во истражувања, од кои голем дел наоѓаат примена и во цивилниот сектор, како интернетот и системот за глобално позиционирање (ГПС).

На почетокот на годинава јавно е тестирано ново оружје. Станува збор за електромагнетски топ со јачина од рекордни 10 MJ. Топот користи електрична енергија, што се претвора во електромагнетна и овозможува домет на проектили од 200 наутички милји. Ова оружје треба да го замени стандардниот бродски топ. Се очекува да влезе во употреба во 2020 година и да стрела проектили со брзина од пет маха или 3700 милји.

Компанијата Сиера Невада Корпорејшн тврди дека може да произведе микробранова воздушна пушка, која „пука“ убиствени звучни бранови. Проектот МЕДУСА финансиран од американското министерство за одбрана користи микробранов ефект, при кој брановите го греат ткивото и предизвикуваат удар во мозокот. Звукот, кој настанува во главата онеспособува, а бучавата не престанува. Звукот го слуша само оној кон кого е насочен микробрановиот сноп.

Научниците што го развиваат овој проект сметаат дека наместо високи фреквенции, можат да се употребат ниски звуци, кои во главата на нападнатите ќе создадат шепот, што може потсвесно да влијае на луѓето.

Насочениот зрак би можел да се користи за праќање на пораки, на пример за промотивни акции во трговски центри, но потсвесното наговарање предизвикува морални дилеми.

Сепак овој изум би можел да се користи за растерување на птици од полињата или од градовите, бидејќи тие се многу чувствителни на аудио микробранови.

Се развиваат и роботизирани возила, кои треба да го смалат ангажманот на војниците и бројот на жртвите. Тие со помош на сензори ги откриваат вооружените и потенцијално опасни цели, а човекот со нив управува и пука преку компјутер и видеоврска.

Војниците во иднина ќе бидат опремени со апарати за постојано следење на здравствената состојба, како и со уред за создавање микроклима, што ќе им овозможи полесно да ги поднесуваат тропските, пустинските и студените подрачја.
Во воената индустрија се вложуваат огромни средства и никогаш не се знае дали од истражувањата ќе произлезе нешто корисно како интернетот или оружје кое може да ја уништи целата планета.
 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *