Categories
Сцена & Муабети

Нема веќе летови над гнездото на кукавицата

Душевната болница во Орегон во која во 1975 беше снимен култниот филм Летот над гнездото на кукавицата ќе биде срушена и на нејзино место ќе биде изградена нова.

Поголем дел од веќе истрошената 125 години стара куќа во градот Салем ќе биде срушен и заменет со нова. Иако лошата медицинска сестра Рејтчед е измислен лик, болницата последните години се соочува со премногу пациенти, руинираност на подот и таваните, најразлични епидемии, полово злоставување на пациентите и меѓусебни расправии на персоналот.

Иако “Летот над гнездото на кукавицата“ е снимен во оваа болница ни филмот, ниту пак книгата на Кен Кејси од 1962 не ја спомнуваат болницата. Писателот инспирација нашол во болницата за ветерани во Паоло Алт во Калифорнија. Мајкл Даглас кој е копродуцент на филмот разгледал многу локации за снимање, и ја одбрал болницата во Орегон, бидејќи тогашниот директор на болницата Дин Брукс на екипата која работела на Летот над гнездото на кукавицата и дал неограничен пристап. “Тие сакаа филмот да го снимат на локации со вистински пациенти“ се сеќава сега веќе 91 годишниот Брукс. Тој кажува дека во филмот се појавуваат дури 89 тогашни пациенти.

Мајкл Даглас, Џек Николсон (кој го игра Рендли Патрик МекМарфи) и Луис Флечер (сестрата Рејтчед) за време на снимањето на филмот живееле во болницата. Режисерот Милош Форман живеел шест недели во болницата и ги терал актерите да ги проучуваат секојдневните навики на болните. Џек Николсон паднал во депресија гледајќи ги нивните секојдневни патења, вклучувајќи ги тука и електрошоковите кои им ги давале. Таа година филмот “Летот над гнездото на кукавицата“ ги освои петте Оскари во главните категории (филм, режија, главна машка и женска улога и најдобро сценарио).

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *