Започна меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“ 2021 година

Меѓународниот натпревар „Охридски бисери“ се одржува 20-ти пат во Охрид. Годинава пријавени се 90 учесници од 15 земји од светот.

 |   | 

Меѓународниот натпревар „Охридски бисери“ се одржува во Охрид од 15-19ти јуни. Станува збор за јубилејно 20-то издание. Со оглед на фактот дека јубилејот се случува во време на пандемија претседателот на натпреварот Ѓорге Улишев вели дека е пријатно изненаден што натпреварот предизвикал внимание да се пријават учесници од 15 земји.

„Имаме некаде околу 90 пријавени учесници, од кои селекцијата ја поминаа 74 учесници и кандидати од 15 држави. Бројка која за сега изненадува во услови на пандемија. Имаме кандидати од Германија, Русија, Полска, од бившите југословенски републики, од Ерменија“.-истакна Ѓорге Улишев, претседател на „Охридски бисери“.

Натпреварот се одржува изминатите дваесет години во Охрид и претставува значаен настан од областа на културата, но и за афирмација на градот низ светот, бидејќи низ изминатите две децении низ изданијата продефилирале учесници од целиот свет.

„Учесниците се од најмала возраст од 6-7 години до 25 годишна возраст. Без разлика од кој дел на светот доаѓаат, важно е добро да се подготвени и да се натпреваруваат во трката за една од вредните награди. Меѓународниот натпревар „Охридски бисери“ навистина е препознаен веќе како бренд на еден исклучително квалитетен и престижен натпревар и за сите тие млади музичари, не само што е примамливо да дојдат да се натпреваруваат, туку тие дружења и целата атмосфера околу натпреварот навистина е привлечна и затоа секоја година имаме учесници од целиот свет.“-вели Викица Костоска Пенева од организациониот одбор.

Учесниците ќе се натпреваруваат за прва, втора и трета награда, а ќе бидат оценувани од интернационално жити составено од врвни музички педагози.

„Она што ми е особено драго е што ги имаме овие категории на учесници под 10-годишна возраст, па до 25 години. Се случува некогаш да сме ги виделе тие деца на 10 или 11 години и потоа дури после можеби шест години и навистина е добро да се види како тие пораснале и тоа многу ми се допаѓа. Можам да кажам дека организацијата навистина добро ги комбинирала членовите на жири комисијата. Станува збор за високо едуцирани луѓе со искуства во различни полиња.“-истакна Детлен Бенсман- професор по саксофон од Германија, член на комисија.

Професор Бенсман вели дека учесниците се воодушевени од историјата на градот Охрид, а дека Охридското Езеро е едноставно прекрасно.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top