• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Волонтери, претходно повикани да помагаат при вакцинацијата, избркани од салата Билјанини извори, велат од ОО на Црвен крст

Волонтери, претходно повикани да помагаат при вакцинацијата, избркани од салата Билјанини извори, велат од ОО на Црвен крст

На екипа на Црвен крст Охрид која била повикана да волонтира  во процесот на вакцинација во спортската сала „Билјанини извори“, утрово не и бил дозволен пристап на вакцинален пункт, тврдат од Црвен Крст. Оваа случка ја разбранува јавноста во врска со тоа кој го координира процесот на масовна имунизациај во салата Билјанини извори во Охрид.

 |   | 

Црвениот крст во Охрид обвинува дека волонтери пратени да помагаат при масовната вакцинација во спортската сала „Билјанини извори“ која е регионален центар биле избркани од вакциналниот пункт. Волонтерите  кои предходно помагале и при вакцинацијата во пунктот на Здравствен дом  во општата болница биле повикани од директорката на Здравствениот дом  да се вклучат и да помогнат и во спортската сала.  Утрово кога се појавиле во салата биле избркани од од лицето Сашо Денесовски, кој во објавата на Црвен Крст е претставен како координатор на процесот за вакцинацијата.

„За жал и овој пат личните комплекси и фрустрации на една личност победуваат пред потребите за асистенција и помош на лицата кои се вакцинираат и на олеснување на административната работата на оние кои се вклучени да го спроведуваат вакциналниот процес, што е активност на волонтерите на Црвениот крст во сите земји во светот каде се спроведува масовна вакцинација против Ковид-19“, стои во објавата на Црвен крст-Охрид.

Оттаму додаваат дека волонтерите остануваат подготвени доколку има потреба да продолжат во помагање и олеснување на процесот на вакцинација во градот.

Министерот за здравство, Венко Филипче, за А1ОН, вели дека координатор поставен од Министерството за здравство во Охрид е лицето Сања Саздовска.

Сашо Денесоски, пак, за истиот портал,  вели дека тој е ангажиран од Министерство за здравство и градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиевски. Денесоски негира дека ги избркал волонтерите, туку дека на еден волонтер му кажал да си оди зошто немаат потреба од нив и затоа што не ја поминале содветната обука. Додава дека на барање на Општина Охрид, Министерството за здравство и Владата до него, неговата невладина организација за лица со посебни потреби од Охрид ‘СОС Балкан медиа’ со свои спонзори, го опремила целиот пункт.

Од Општина Охрид велат дека центарот за вакцинација бил опремен бладарение на општествено одговорни компании додека општината обезбедила простор и логистичка поддршка.

„Исто така 36 вработени од локалната самоуправа се ангажирани во редарската служба на центарот и во делот на  функционирањето на системот за евиденција. Надлежен за организација на вработените од Општина Охрид е Илкер Мустафа. Сашо Денесоски беше дел од лицата и компаниите кои покажаа интерес, логистички и финансиски помогнаа во делот на обезбедување на потребната опрема за функционирањето на центарот.“- се вели во дописот од Општина Охрид.

За се останато околу процесот на спроведување на имунизацијата како и ангажирање на волонтери посочуваат дека надлежно е Министерството за здравство.

Од ресорното министерство пак објавија дека за пунктот за масовна вакцинација во Охрид, во моментов имало ангажирано доволно лица за непречено да се одвива процесот и доколку се утврдела дополнителна потреба ќе бидат  вклучени повеќе лица.

„Но тоа ќе се прави по соодветен план, меѓусебен договор и динамика како и по претходно помината обука од соодветните лица во системот Мој Термин и Министерството за здравство, “ велат од Министерството за здравство.

Додаваат дека помош и поддршка од секој поединец или институција се добредојдени, не само во регионот на Охрид, туку насекаде во државата.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top