Во Лагадин продолжи акцијата за враќање на плажите во првобитна состојба

Денеска во Лагадин продолжи акцијата за отстранување на урбана опрема, конструкции, ѕидови, шанкови и објекти на плажите на Охридското крајбрежје. Охриѓани велат  треба да се зачува еколошката  средина на  брегот на Охридското езеро, но негодуваат зошто во ек на сезона се прават рушевини по плажите.  

 |  Соња Рилковска  | 


Концесионерите на плажите во населбата  Лагадин  вчера добија решенија за отстранување на објектите од плажите за денес.  Утрово повеќето од нив со камиони сами ја острануваа урбаната опрема, лежалки, маси, чадори, столови. Чекаа  да дојде механизацијата , која денеска привршуваше со уривањето на објектите на  плажата Горица Трета.
Револтирани, не сакаа да зборуваат пред камера.  Велат  не се сите концесионери  во ист кош, некои граделе по проекти и плаќале концесии до  2018 година, се` додека имале валидни договори.
Охриѓани велат  треба да се зачува еколошката  средина на  брегот на Охридското езеро, но не смее во ек на сезона да се прават рушевини по плажите.
-„Кои се легално направени  во ред е да останат така ќе привлечеме туристи, но тоа што е на диво поставено мислам не е во ред“, вели еден охриѓанец.

-„Мислам не е во ред. Она што ќе го срушат  не го средуваат, туку го оставаат ко рушевина.Бев сабајево кај Немо се е така оставено хаос;. Јас мислам тоа само полошо ќе биде подобро не“, вели друг охриѓанец.

-„За да гледаш таква слика со рушевини  е непријатно. Тоа требаше со време да се направи а не во сезона кога туристите доаѓаат, вели една охриѓанка.

Градоначалникот  Константин Георгиевски вчера рече не се уриваат плажите, туку бетонските чудовишта кои изминатите години  се изградиле на крајбрежието.
Тој уште по донесувањето на владината Уредба за враќање на плажите што во првобитна состојба рече дека тоа е патот за исполнување на визијата и целите на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион.
Министерот без ресор и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Едмонд Адеми, појасни дека откако плажите ќе бидат вратени во првобитна состојба, истите ќе бидат вметнати во Планот за управување со Охридското Езеро, а потоа општините Охрид и Струга да можат да носат одлука дали ќе распишуваат повици за стопанисување, која плажа ќе се издава, за каква намена и слично.
И додека на охридското крајбрежје се урива, на струшкото  угостителите на плажите си чекаат туристи. На некои локации  се градат нови објекти , а општината и концесинерите најавија дека нема да уриваат. Дел од поранешните концесионери ја обжалија Уредбата на Владата на Уставен суд.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top