Спасителите од Црвен крст ангели чувари на охридските плажи

Над 15 сериозни интервенции на извлекување на давеници имала летово службата за спасување на вода на капалиштата. Само вчера спасени тројца давеници, две деца во базен и едно момче на плажата Парк.

 |  Соња Рилковска  | 


Во еден ден спасени три животи.  Спасителите на вода, вистински херои,  само вчера извлекоја три активни давеници. Две деца спасени од давење во  базен и едно лице од плажата „Парк“.

Спасителите на вода ова лето   подарија вкупно 15  животи. Од давење спасиле деца, непливачи, пијани и лица кои си ја прецениле  силата.

„Најчести причини за кои настапува давење се топлотни разлики , значи неправилно влегување во вода, прејаденост, влегување во вода под дејство на алкохол и наркотици, неумеење да се излезе од вода односно незнаење да се плива. И други општи причини кои ги знаеме сите“,– вели Ристе Филипов, координатор на Центарот за безбедност на вода.

Единицата за безбедност на вода  досега имаше 800 интервенции на медицинска помош на охридските капалишта. Капачите страдале од топлотни удари,несвестици, водени шокови,  посекотини и скршеници при скокови.

„Досега од страна на спасителите интервенирано е на 15 активни давеници кои се успешно извлечени од водите. Што се однесува на брегот интервенции од прва помош интервенирано е над осумстотини пати од кои доста и сериозни повреди во кои беше вклучена и Брзата помош“, додава   Филипов.

За жал 30 % од плажите во Охрид и ова лето останаа небезбедни за капачите. Без спасители со необележани капалишта  се и 50% од плажите во струшко и Преспа. Ова лето се удави   едно момче на плажата „Магнус“,  каде нема ангажирани спасители.

„Апелиравме постојано и пред почетокот на туристичката сезона и во текот на сезоната и до концесионерите и до надлежните институции еве за жал се уште се справуваме со последици кои беа прикажани на дел од плажата „Магнус“ каде не е безбедна и сето тоа го фокусираме и насочуваме и кон самите капачи посетители и гости кои доашаат да ги користат исклучиво  плажите кои се безбедни и кои имаат услови за безбедно капење, спорт и рекреација“, вели Сашо Точков претседател на Црвен крст Охрид.

Спасителите на вода како  ангели чувари, благодарение на нивната поставеност на плажите изминативе  години  спасени се стотици  скапоцени животи.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top