Советот на Општина Охрид ја одржа 58та седница без советниците од ВМРО ДПМНЕ

Мнозинството во Советот го одби предлогот на ВМРО ДПМНЕ да му укаже на Градоначалникот да отпочне постапка за разрешување на директорот на ЈП Водовод Охрид. Опозициските советници револтирани поради тоа но и затоа што  им се прифаќале укажувањата на низа теми ја напуштија седницата. Градоначалникот Константин Георгиески, пак, кажа дека  позадината на ова напуштање на седницата е избегнување од страна на советниците на ВМРО ДПМНЕ да гласаат за точка на дневен ред која е против интересите на урбаната мафија во Охрид.

 |   | 

58та седница на градскиот совет, на самиот старт, ја напушти советничката група на ВМРО ДПМНЕ. Координаторката на опозициските советници, Гордана Коњановска во изјава за медиумите, кажа дека главна причина за таквиот чекор е симнувањето од дневен ред на нивниот предлог заклучок со кој Советот му укажува на Градоначалникот да отпочне постапка за разрешување на директорот на ЈП Водовод Охрид. Мнозинството во советот сметаше дека не постои можност согласно Статут и Деловник Советот да расправа по таква точка.  Опозицијата пак сметаше дека советниците имаат право да отвараат теми за работата на ЈП , да бараат од градоначалникот објаснувања за нивната работа и да сугерираат можни решенија.  Коњаноска  посочи дека од досега го поддржувале целиот процес на формирање на  ЈП Водовод и се надевале дека истото ќе добие  шанса за нов почеток без долгови со што ќе може успешно да се справува со предизвиците што значат подобрување на водоводната мрежа , намалување на загубите на вода и значајни инфраструктурни проекти.

„Наместо тоа добивме нови вработувања , добиваме план за вработувања кој беше пренапумпан и пред неколку месеци и ние аргументиравме зошто нема да го поддржиме и по само енколку месеци од носењето на планот сега имаме предлог за измени. Имаме зголемена цена на вода која ја плаќаат граѓаните независно колкаво е зголемувањето но не поради подобрување на работата и инвестиции туку поради новите вработувања. Зголемувањето на цената на водата регулаторната комисија го предлага врз основа на бизнис планот односно параметрите коишто ги добива за работењето на јавното претпријатие. “ – изјави советничката Гордана Коњаноска.

Коњановска наброја и други причини за напуштањето на седницата како неаужурност на административните служби кои ставиле точки на дневен ред на кои не им било местото таму, случаи на непотизам во именувањето членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија  и неприфаќањето од страна на советничкото мнозинство на нивните досегашни укажувања со што однесувањето на локалната власт не се менува.

„На оваа седница повторно се јавуваат предлози за измени на планови за вработување во јавните претпријатија, на пример во ЈП Нискоградба планира вработување на 17 луѓе, Општина Охрид исто така предлага измена на планот за вработувања за 2021 со дополнителни 6 нови вработувања. Тоа е начин на однесување кој наполно ги игнорира нашите укажувања во изминативе три години. “ – кажа Коњаноска.

Градоначалникот Константин Георгиески, изјавите на Коњаноска ги нарече  неаргументирани и паушални, а според него позадината на ова напуштање на седницата е избегнување на гласањето на точка на дневен ред под притисок на урбаната мафија во Охрид.

„На денешната седница се наоѓа една точка на дневен ред за која тие едноставно не можеа да гласата против, а нема асила и храброст да гласаат за. Тоа е точката 55 со којашто на инвеститорите на станбени згради им се забранува употреба на дигалки во паркинзите со што значително се воведува ред во паркирањето и сузбивање на урбаниот хаос. Како резултат на притисоците на урбаната мафија и сите кои го извртуваат законот и предвидуваат употреба на механички дигалки кои во стварност не ги  изведуваат во станбените објекти .“  – кажа градоначалникот Георгиески.

Во врска со обвинувањата за работењето на ЈП Водовод Градоначалникот кажа дека цената на водата се покачува нецел денар на м3 во следните 3 години и 30 ден фиксниот износ, а ЈП изрази загуба од 6 мил денари но тоа е како резултат на 5,5 милиони денари заробени во Еуростандард банка. Информира дека вчера бил потпишан со градоначалникот на Струга договорот за преземање на долгот од ова јп од страна на државното претпријатие Колекторски систем тежок 72 милиони денари кои се водеа како долг на Општина Охрид кон Министерство за финансии.

„ Општина Охрид веќе нема долг кон Министерството за финансии. Сега ние во најбрз рок, на почеток на мај , ќе започнеме постапка да донесе Советот одлука за задолжување на општината за преостанатиот долг и  да направиме јавен повик и конечно да ја деблокираме општината па тогаш можеби ќе имаат поголем сенс да поддржат една ваква одлука советниците од ВМРО ДПМНЕ за завршување на процесот на конечно деблокирање. “ – кажа Георгиески.

За обвинувањата за нови вработувања кусо кажа дека станува збор за планови за вработување кои не значи дека ќе се реализираат.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top