седница на совет

Да се стават во функција семафорите во Охрид

Советниците бараат да се стават во функција семафорите на територијата на Охрид. Иако ги има само на две раскрсници, тие не функционираат.
 |  инфодеск  | 

Советниците бараат од Локалната самоуправа да изнајде сообраќајно решение на две раскрсници во Охрид.

Семафори има само кај раскрсницата на ул. Железничка и ул. Кленоец, како и раскрсницата на ул. Питу Гули и ул. Марко Нестороски. Иако ги има, тие не функционираат.

Сообраќајот на овие делови од градот е доста прометен, особено на ул. Питу Гули, бидејќи е со предност на минување.

Со оглед на тоа што во непосредна близина на оваа раскрсница се наоѓа ОУ ,,Христо Узунов”, вака без сигнализација загрозена е и безбедноста на учениците, како и на другите пешаци. Во овој дел наутро има еден полициски службеник, но со тоа не се постигнува никаков ефект, бидејќи училиштето работи во две смени, а треба да се има во предвид и големиот одмор кој го имаат децата – вели Аврамоска.

Кога Советот ја усвои програмата за одржување и заштита на локални патишта, улици и регулирање режим на сообраќај за 2022 година, забелешка за крстосницата помеѓу улиците „Железничка“ и „Кленоец“ изнесе советникот од СДСМ, Стојан Митрески.

Тој посочи дека на тоа место се случени сериозни инциденти со жртви и ја повика Локалната во најскоро време да преземе мерки за регулирање на сообраќајот.

Секој кој што поминал таму се нашол во незгодна ситуација. Таа раскрсница е исклучително небезбедна. Таму има семафори кои не знам од која причина, не функционираат. Сметам дека стручните служби би требало да преземат активности да се стават во функција тие семафори како краткорочно решение – кажа Митрески.

Од Локалната самоуправа велат дека работата на светлосните сообраќајни знаци на овие крстосници е во прекин од технички причини.

И на двете крстосници се работи на надминување на проблемот (потребен е нов довод на електрична енергија), по што семафорите ќе бидат пуштени во употреба – информираат од Локалната.

Советничката Аврамоска посочи и проблем со необележани пешачки премини во населбата Радојца Новичиќ.

Во врска со ова од Локалната самоуправа велат дека во тек е тендерот за спроведување на оваа активност. По неговото завршување, сообраќајната хоризонтална сигнализација ќе биде поставена, согласно програмата на Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top