Се издаваат маркици и дозволи за градење а никој не мисли на пристапни патишта

43 семејства од станбена зграда во центарот на Охрид oд денеска не можат нормално да функционираат затоа што им е блокиран пристапот до нивните домови. На просторот каде што досега поминувале се гради нова зграда а од патот кој е превиден со ДУП 20 години нема ништо затоа што минува низ парцели во приватна сопственост.

 |   | 

Во центарот на Охрид , кај старото кино на ул „Даме Груев“, 43 семејства во станбена зграда од денеска не ќе можат нормално да функционираат затоа што им е блокиран пристапот до нивните домови.  На тесниот пролаз до нивната зграда започнаа градежни активности за подигнување нов објект.

„Инвеститорот си дојде со некакви решенија за градба. Ние од зградава се консултиравме со адвокати и со општината. Велат дека документите им се валидни. Ние немаме ништо против градбата , ние само прашуваме како 43 семејства од зградава како би функционирале , па нека е и месец дена како што ни велат , додека се дојде до некоја фаза да можат да поминуваат луѓето.“– вели Тони Ефтимов, станар.

Според ДУП за овој потег предвиден е пристапен пат до зградата но истиот не е пробиен затоа што минува низ парцели кои се во приватна сопственост.

„За експропријација сеуште се преговарало. Ние во меѓувреме преку куќен совет комуницираме и со семејствата во чија сопственост е земјиштето што треба да се екпроприра, ни велат дека општината преговара со нив а кога ќе се реши тоа не знаат ништо.“– кажува Ефтимов.

Станарите се револтирани затоа што, како што велат, 20 години колку што постои зградата општинските власти не нашле начин да го обезбедат патот кој е зацртан во ДУП. Се издаваат маркици и дозволи за градење згради а не се мисли на инфраструктурата.  Додаваат дека од општината им било ветувано решение на проблемот односно алтернативен пат, но темелите на новата зграда веќе се копаат а од пат нема ништо. 

Инаку, двете згради, и онаа која се изградила пред две децении и она која штотуку започна да се гради се на парцела на еден сопственик. Сопственикот на земјиштето со инвеститорот кој ја градел зградата чии станари сега се блокирани, во договорот се обврзал дека нема да се гради објект на просторот кој се користи како пристапен пат се додека општината не го изгради патот предвиден во ДУП. На станарите сега им преостанува да тужат и да побараат од суд времена мерка за стопирање на градежните активности на новиот објект се додека не им се реши проблемот со пристап до нивните домови. Што презема општината на тој план не успеавме да дознаеме , затоа што од таму не добивме одговор на нашите прашања.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top