Categories
Охрид

Сара Чанг со дело од Вивалди ќе го затвори Охридско лето

Суперѕвездата на виолинистичката уметност, Сара Ченг за прв пат е во Македонија и во Охрид. Воодушевена е од градов и од топлината на луѓето. Како спомен од ова гостување ќе ги понесе прекрасните охридски бисери.

Светската виолинистка, Сара Чанг ќе го затвори овогодинешното издание на Охридско лето. Вечерва таа во катедралната црква Св. Софија ќе ги  исполни „Четирите годишни времиња“ од Вивалди. Инаку, Сара свири од четири годишна возраст кога била прогласена за чудо од дете. На осум години била ангажирана  од диригентите Зубин Мехта  и Рикардо Мути да свири во  Њујоршката филхармонија и во Оркестарот во Филаделфија. Зад неа се голем број настапи со познати музички имиња и многу награди. Денес таа е суперѕвезда на виолинистичката уметност. Инструментот на кој свири е стар речиси триста години, но Чанг мајсторски од него вади и современи звуци. Таа вели дека свири се она што и се допаѓа.

Оваа врвна виолинистка за прв пат доаѓа во Македонија. Во Охрид е од завчера.  Воодушевена е од градов и од топлината на луѓето. Сара Чанг и покрај тоа што е голема ѕвезда многу е природна и едноставна. На прв поглед плени со својот сензибилитет. Имаш чувство како да ја познаваш од секогаш. Ова гостување на Охридско лето е дел од нејзината голема европска турнеја. Кога прифатила да биде учесник на овој фестивал не поставувала никакви посебни услови освен оние стандардните. Тоа е доказ повеќе дека Сара е сосема нормална млада девојка  на која за среќа славата не ја изменила многу. И се допаѓаат македонските специјалитети кои ги пробала во хотелот Инекс Горица каде е сместена, но најмногу од се ја воодушевиле охридските бисери. Таа вели, „утрешниот слободен ден ќе го искористам за пазарење бидејќи Охрид е рај за купувачите“.

Инаку вечерва покрај Сара Чанг ќе настапи и Словенечката филхармонија која ќе изведе дело на македонскиот автор Благоја Цанев и на Сарасате. Вечерашниот концерт ќе биде снимен од страна на МТВ, а за тоа Сара Чанг не побарала никаква финасиска надокнада. Тоа многу ретко се случува кога се во прашање вакви големи уметнички имиња.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *