Рот: Македонците ја пишуваат не само националната туку и европската историја

Македонците ја пишуваат не само националната туку и европската историја. Договорот потпишан со Грција за надминување на разликите околу името е  уникатна можност  за отворање на вратите на ЕУ и НАТО.  Би сакал да го охрабрам народот од оваа прекрасна земја да ја зграпчи оваа историска можност, порача денеска од Охрид, министерот за Европа на германското МНР. Неговиот домаќин, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров рече дека никој не знае дали оваа наша генерација ќе има следна ваква шанса.

 |   | 

Македонците ја пишуваат историјата. Не само националната историја туку и европската историја. Со договoрот со Грција се дава уникатна можност да се отворат вратите на ЕУ и НАТО. Би сакал во најскоро време да ги видам моите македонски пријатели заедно со останатите пријатели од ЕУ и од НАТО. Ова се зборовите на Државниот министер за Европа на германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот кој денеска беше во посета на Охрид.

„Би сакал да го охрабрам народот од оваа прекрасна земја да ја зграпчи оваа историска можност. Ако го поддржите договорот, тоа ќе биде голем знак со кој ќе покажете дека Mакедонците се посветени на демократијата, владеење на правото, независен правосуден систем, и ќе станете суштествен дел на обединета Европа, а со тоа ќе ја продолжиме и нашата соработка, нашата заедничка работа и навистина, навистина сум голем оптимист и уште еднаш голема е честа што денес сум тука“. – истакна министерот Рот.

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров истакна дека влогот во претстојниот референдум е голем и пораките се јасни. Никој не знае дали оваа наша  генерација ќе има следна шанса. Јасно е дека договорот тешко поминува и во Грција. Тоа значи дека одвај е најден заеднички јазик, кажа министерот и додаде дека се работи за целосно надпартиско прашање, што нема врска со Влада, со градоначалниици, не се локални ниту парламентарни избори туку, како што рече, прашање за иднината на Македонија и сите нас како нејзини граѓани. При тоа се осврна на ставот за референдумот на најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ.

“Вие да зборувате 10 години за референдум. И на секое можно прашање да велите кога ќе најдеме заеднички јазик со Грција ќе ги прашаме граѓаните. И сега да немате јасен став, тоа е бегање од одговорнот и бегање од соочување со  волјата на народот, што не е добро за партија што често се дрзнува да зборува во името на народот.  – изјави Димитров.

Германија е голем поддржувач на Македонија на патот кон НАТО и ЕУ. После канцеларката Ангела Меркел, Михаел Рот е прв министер на Р Германија кој ја посети Македонија а идната недела нашата земја ќе ја посетат и министрите за надворешни работи и за одбрана, најави Димитров. Државниот министер Рот учествуваше на интерактивна дебата „Македонија на патот на ЕУ“ која се одржа на Античкиот театар во Охрид во присуство на македонскиот министер за надворешни работи Димитров, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули и градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top