• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Промоција на монографијата „Прличеви беседи–хроника на еден културен настан“ на „Прличеви беседи 2022“

Промоција на монографијата „Прличеви беседи–хроника на еден културен настан“ на „Прличеви беседи 2022“

Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ со промоција на монографијата „Прличеви беседи – хроника на еден културен настан“ (1952 – 2022) од авторите: Милчо Јованоски и Гордана Змејковска се вклучува во традиционалната манифестација „Прличеви беседи“ 2022.

 |  Голабовски Крсте  | 

Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ со промоција на монографијата „Прличеви беседи – хроника на еден културен настан“ (1952 – 2022) од авторите: Милчо Јованоски и Гордана Змејковска се вклучува во традиционалната манифестација „Прличеви беседи“ 2022.

Со промоцијата на монографијата  НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе ја одбележи 70-годишнината од почетокот на култната манифестација „Прличеви беседи“.

Основа, да почнеме и да продолжиме со истражувањето ни беше првата монографија од авторот Маринела Јовановиќ која го опфаќа периодот од 1952 година заклучно со 1996 година. Нејзини издавачи се: Градската библиотека „Григор Прличев“, Радио Охрид и книгоиздателството „Мацедониа Прима“. Ние, како автори продолживме, таму каде што се застанало и преку документи, фотографии и искажувања се надеваме дека како наш залог за идните генерации уште еднаш ги зацврстивме историските и развојните факти, за седумте децении и посебно за последните 25 години сврзани со настаните од „Прличевите беседи“ одржани во нашата матична НУ Библиотека која со гордост го носи името на својот Патрон – Григор Прличев. Концепциски, оваа монографија е збогатена со сеќавања и беседи за Прличев од наши и странски писатели и поети. На површина излегуваат нови факти и нешта кои до денеска не сме ги знаеле или не биле доволно разјаснети. Монографијата не е само гола фактографија на настани и хроника, туку содржи и низа стручни елементи и научни истражувања кои „шетаат“ во длабочина и широчина низ животот и творештвото на преродбеникот Прличев – велaт авторите Јованоски и Змејковска.

Издавањето на монографијата финансиски е помогнато од Министерството за култура и Општина Охрид. Промотор на монографијата ќе биде новинарот и публицист Владо Жура, извадоци ќе чита Анета Јованоска, а Прличевата „1762 лето“ ќе ја изведат оркестарот и пејачката група на ФА „Бисери“ при Центарот за култура „Григор Прличев“ под уметничко раководство на Татјана Тренеска.

Промоцијата со почитување на сите Ковид -19 мерки ќе се одржи во малата сала на Центарот за култура „Григор Прличев“ во сабота 5 февруари од 13 часот.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top