Categories
Охрид

ВМРО- ДПМНЕ обвинува- Петрески сака да царува со средното образование

За општинската ВМРО- ДПМНЕ, менувањето на членовите на УО во средните училишта  е политичка игра на градоначалникот.

На завчерашната седница, преку сопственото советничко мнозинство, на најгруб начин и без објективна причина, градоначалникот ги смени членовите на Училишните одбори, обвинуваат од општинската ВМРО- ДПМНЕ. Потенцираат дека за проблемите во училиштата, одговорноста и последиците треба да ги сносат директорите, а не УО. Нивна е и обврската, доколку дојде до инциденти, за тоа да подготват и достават извештаи до УО и до градоначалникот.

За Ванчо Огненов од ВМРО- ДПМНЕ, секое објаснување дека менувањето на членовите е поради недисциплината во училиштата, е лицемерно. Особено сега кога во охридската гимназија е распишан конкурс за избор на директор, а во комисијата која ги разгледува поднесените барања на кандидатите, членови беа  сега веќе сменетите претставници од УО.     
Градоначалникот Петрески ги отфрла ваквите обвинувања и додава:

„ Немам ингеренции да влијаам во разрешувањето и именувањето на членови на Училишни одбори. Реагирам само онаму каде можам“. Сепак, Петрески потенцира дека вината за бројните инциденти кои се случија во охридските средни училишта, ја гледа токму во работењето на Училишните одбори.

„Јас како градоначалник, за она што се случува во средното образование превземам мерки онаму каде имам ингеренции. Да можев, веднаш би го избркал професорот на чиј час се случи инцидент“, вели првиот човек на градот.   

Аналогно на фактот дека ингеренции за вработување или отпуштање на професорскиот кадар има директорот на училиштето, следува заклучокот дека доколку Петрески сака да спроведе дисциплина, треба да бара одговорност од директорот, а не да ги менува членовите на Училишните одбори.     
Со цел да се спречат понатамошните инциденти во охридските училишта, Градоначалникот најави дека наскоро во секое од нив ќе бидат монтирани камери. Ќе бидат поставени и стаклени врати на училниците. Не сакаме за инцидентите, како и до сега, да дознаваме од медиумите и интернет страниците- вели Петрески.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *