Педијатри од Скопје ќе работат на детското одделение во Охрид

Педијатри од Скопје ќе работат на детското одделение во Охрид. Се чекаат измените во законот за здравствена заштита за да почнат ротации и да се намали дефицитот на специјалисти во државата, најави министерот Филипче.

 |   | 

Специјалисти педијатри од скопската Клиника ќе работат на детското одделение во Охрид, најави министерот за здравство Венко Филипче при посетата на Охрид.

Распоредот на ротација ќе се направи откако ќе се изгласа измената на Законот за здравствена заштита кој ќе им овозможи на специјалистите  од сите здравствени установи да може да работат низ целата  држава.

Оваа најава следува откако пред повеќе од еден месец, поради недостиг на педијатри детското одделение во Охрид работи само како амбуланта од 08 до 20ч. Итните случаи од Охрид за време на ноќта и викенди се препраќаат во Струга.

Со таков дефицит на специјалисти од одредена специјалност се соочуваме на повеќе места во државата и затоа интервенираме тука во Охрид со тоа што двајца педијатри ќе бидат пратени во следниот период од скопската Клиника за детски болести и ќе бидат континуирано присутни. Тој систем на ротација ќе го задржиме додека не најдеме некое друго трајно решение. Едно од можните решенија е во веќе предложената измена на Законот за здравствена заштита со што овозможуваме, било кој лекар од било која јавна или приватна здравствена установа да може да дежура во друга здравствена установа, со цел да се овозможи потребната служба во еден дел од денот. Тоа нема да важи само за педијатрите, ќе важи за сите други специјалисти – рече Филипче. 

За измените во законот се одржа и јавна расправа бидејќи имаше недоумици во јаноста во однос на приватизацијата на Итната медицинска помош, која нема да се случи, појаснува министерот.

Во текот на изминативе денови објаснивме дека не станува збор за приватизирање на Итната медицинска помош, станува збор за законско регулирање на тоа што веќе се случува, а тоа е возила од приватни здравствени установи едноставно да се стават во законска рамка. Целокупниот друг систем останува ист и Итната помш останува во јавно здравство – додава Филипче.

Министерот кажа дека се очекува наскоро да биде изгласан Законот и да се реши проблемот со дефицит на специјалисти низ државата. 

 

Новинар : Соња Рилковска

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top