Откажано одржувањeто на двата поголеми карневали во регионов во Вевчани и Куратица

 Официјално организационите одбори од Горна и Долна маала од Вевчани ќе ги  почитуваат препораките за заштита од пандемијата. Вевчанци , пак не се откажуваат и најавуваат продолжување на карневалската традиција. Од СВР Охрид ги потсетуваат вевчанци дека на сила се забрани за масовни собири и групирања и мерки за заштита од ширењето на вирусот и апелираат истите да се  почитуваат. 

 |  Валентина Неловска  | 

На 13 и 14 јануари нема да се одржи Василичарскиот Вевчански карневал. Перо Пешинкоски, од организациониот одбор на Долна маала од Вевчани, информира дека ова е заедничка одлука на нивните два одбори од Василичарските друштва Горно и Долно маало, донесена во интерес на здравјето на граѓаните и почитување на пропишаниет мерки за безбедност од пандемијата со Ковид 19.

„Секој е свесен дека не треба ништо да има. Имавме заеднички состанок со Горна Маала и со МВР. Потврдено е дека нема ништо да има. Дали тоа ќе го почитуваат граѓаните останува на нивна вина. Од наша страна ќе се почитува, но дали некој поединци ќе излезат, јас не можам да гарантирам“.

Предходно Градоначалникот на Вевчани, Сашо Јанкоски ги откажа сите настани поврзани со Манифестацијата Вевчански карневал кои се во организација на општината.
Но, тоа не ги обесхрабрува Вевчанци. Тие се решени , како што велат, да ја продолжат 1400 годишната традиција која не ја спречиле ни болести ни забрани.

Сашо Бетоски, афористичар и сатиричар од Вевчани, пак за ТВМ изјави дека Вевчанци ќе ги почитувале мерките за заштита и ќе носеле две маски, една Василичарска и една ковид маска. Додава дека биле добро запознаети со сите последици од одржувањето на недозволени масовни собири и групирања и другите мерки за спречување на ширењето на вирусот.


„ Еднаш прекинато секогаш прекинато. Ние како василичари не можеме да го прекинеме. Ние и по затвори сме лежеле, имам претци во семејството кои претходно во комунизмот ги приведувале и јаделе ќотек , да не се доведеме да се враќаме на старото и лошото. Да гледаме позитивно. И карневалската поворка е за да се истера злото. Да, и годинава да сме совесни и да го истераме ова зло од Ковид 1
9“.

Од СВР Охрид потврдуваат дека заедно со ОВР Струга одржале средби со градоначалникот на Вевчани и со организационите одбори од Горна и Долна Маала. Договорено е откажување на карневалот, концертите и дефилето со маски заради ситуацијата со пандемијата. Од СВР Охрид апелираат вевчанци да ги почитуваат мерките за безбедност кои се на сила. Против сите оние кои ќе ги прекршат одредбите на забраната за групирање полициските службеници ќе преземат соодветни мерки, вели Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

„Сите вевчанци да се придржуваат до одредбите за забрана за собирање да ги почитуваат одредбите и другите насоки на полициските службеници. Во спротивно полициските службеници ќе ги преземат сите мерки кога ќе констатираат групно собирање на граѓаните поврзани со одбележување на карневалот или пропратни манифестации“.

Организациониот одбор од Карневалската манифестација во охридскот село Куратица, пак, за разлика од вевчанци, информираат дека целосно се откажуваат од Василичарската прослава во нивното село.

„За жал нема да се одржи заради ситуацијата која ја имаме. Имавме консултации со МВР. Добивме препораки да се воздржиме годинава. Ќе ги почитуваме препораките и се надеваме на подобри времиња. Да бидеме здрави и живи и оваа година да биде подобра. Поздрав до сите гости кои доаѓаа во Куратица. Се надеваме дека ќе имаме подобри времиња и ќе се дружиме повторно“.

Василичарскиот карневал, и во Вевчани и во Куратица, како вековна традицонална манифестација во изминатите години привлекуваше голем број гости кои беа дел од карневалските случувања. Се прикажуваа разни маски инспирани од многу теми, а не изостануваа и политички случувања од земјава и светот. Со музика, песна и смеа мештаните и гостите го одбележуваа празникот Василица, а василичарите маскирани на шегобиен начин придонесуваа за весела празнична атмосфера.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top